Во знакот на договорот за името помина дводневната посета на коизвестувачите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на Македонија Лизе Кристоферсен од Норвешка и Валериу Гилетчи од Молдавија, кои на средбите со претставниците на политичките партии и други институции разговарале и за реформите во земјата.
– Претседателот на ПССЕ и генералниот секретар го поздравија договорот за името. Станува збор за историски договор. Ние ги поздравуваме добрата волја и храбрите чекори што беа преземени од двете земји-членки на Советот на Европа, со што тие дадоа вистински вреден придонес кон стабилноста на целиот регион – рече норвешката пратеничка.
Името и идентитетските прашања, како што рече, кои се опфатени со овој договор, со децении поттикнуваа жестоки и емоционални реакции и понатаму остануваат чувствителни прашања за делови од општеството.
– Легитимно е оваа загриженост и мислењата да бидат аргументирани и дебатирани на мирен и на конструктивен начин бидејќи така функционира демократијата. Насилството, заплашувањата и реториката што се разгоруваат немаат место во ваквата дебата и мораат да бидат осудени од сите страни. Луѓето треба да можат да одлучат самите и затоа ја поздравуваме најавената организација на референдум оваа есен, што ќе им даде шанса на луѓето да одлучат да ја одредат визијата што тие ја имаат за сопствената земја – рече Кристоферсен.
Како што најавија пратениците, се очекува претставници на ПССЕ да го набљудуваат референдумот најавен за наесен.
Во разговорите со лидерите на политичките партии и власта, претставниците на ПССЕ ја нагласиле потребата во овој клучен момент да се обезбедат инклузивни процеси.
– Неопходен е дијалог со главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и со граѓанското општество за да се обезбеди доверба во процесот. Во овој контекст гледаме на одлуката на ВМРО-ДПМНЕ оваа пролет да се врати во парламентот, како политичка одговорност и да овозможи носење клучни закони што се од корист на целото население – порача Гилетчи.
Гилетчи рече дека за тоа што ќе се случи доколку не успее референдумот разговарале со претставниците на политичките партии и оти веруваат дека во овој процес важно е да се комуницира со народот.
Од посетата на Македонија ќе биде изработен извештај што ќе биде доставен до ПССЕ. П.Р.