Одбележувањето на Денот на независноста, 8 Септември, годинава ќе се одвива под мотото „Боите на независноста“ и заедничката прослава ќе се одржи в недела во Градскиот парк, пред Школка, со почеток во 11 часот.
-Ве покануваме почитувани медиуми и граѓани заедно да ги прославиме боите на слободата, на радоста и убавината – изјави денеска на редовната прес-конференција портпаролот Муамет Хоџа.
На прославата ќе се обрати премиерот Зоран Заев, а ќе настапуваат „Петко и пет плус,“ групите „Ај Кју“, „Денсерс јунајтед“, Виолета Томовска, Елита Зибери и ди-џејот Драган Б. Костиќ.
Портпаролот Хоџа информираше дека ќе бидат поставени повеќе штандови, каде присутните ќе имаат можност да уживаат во традиционална храна од сите краеви на нашата земја, да учествуваат во спортски активности и да го проверат своето здравје.
-Заинтересираните граѓани ќе имаат можност да измерат притисок, да извршат очен преглед и да добијат повеќе информации за најновите мерки на Министерството за здравство, Управата за јавни приходи, да се запознаат и да ги проследат вештините на Армијата и на полицијата. Претставниците на Министерството за внатрешни работи ќе изведат показни вежби со кучиња, а припадниците на „Тигрите“ ќе помагаат при спуштање со алпинистичко јаже – додаде портпаролот Хоџа.
Свеченото чествување на Денот на државноста на нашата држава ќе почне со оддавање почит и положување цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и на гробовите на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров.