И покрај тоа што сработиле повеќе од предвиденото, лани не бил награден ниту унапреден ниту еден просветен инспектор
При вршење на инспекциските надзори, државните просветни инспектори се принудени да користат сопствени моторни возила, затоа што службените автомобили се или престари или се неисправни. Тоа ја отежнува нивната работа, која е речиси удвоена, ако се земе предвид тоа што било планирано да се сработи во однос на сработеното, се вели, меѓу другото, во последниот извештај што Државниот просветен инспекторат го објави на својата веб-страница.
Во извештајот стои и дека на простор од десет квадратни метри работат и по шестмина, а од возилата на располагање им се едно неисправно „југо“ старо 20 години, „цитроен“ неисправен стар 22 години, „сузуки марути“ старо 25 години и „форд мондео“ стар 14 години.
– Буџетот на Државниот просветен инспекторат за 2017 година изнесуваше 52.050 денари. За да се покријат трошоците, институцијата е принудена да презема мерки што го отежнуваат работењето – пишува во извештајот.
Оваа институција има вкупно 99 вработени и директор, а има подрачни единици во 26 града. Со оглед на специфичната работа, која налага извршување на секојдневните активности, Државниот просветен инспекторат главниот проблем го наоѓа во несоодветната просторна обезбеденост што резултира со тоа по четири до шест вработени да делат една канцеларија од десетина квадратни метри.
Инспекторите наведуваат дека ресурсите од областа на информациска и комуникациска технологија со кои располага Државниот просветен инспекторат не се доволни за успешно и непречено функционирање на овој орган.
– Во седиштето на инспекторатот во Скопје и во другите 26 подрачни единици распределени се и инсталирани 32 персонални компјутери. Некои од вработените сѐ уште користат лаптопи со слаби перформанси. Државниот просветен инспекторат не располага со сопствено софтверско решение. За побрза и поуспешна работа, лани беа набавени околу 19 нови лаптопи, но сепак има дефицит во поглед на компјутерска опрема. Потребно е доопремување – се наведува во извештајот.
Минатата година планирано било да се извршат вкупно 10.100 инспекциски надзори низ воспитно-образовните институции во Македонија, но планираното било надминато, односно биле реализирани вкупно 14.301 контроли. Сепак, и покрај ангажманот на инспекторите, ниту еден од нив лани не бил награден ниту пак, унапреден.
Инспекциски надзори се вршат во основните и во средните училишта, во детските градинки, установите за образование на возрасните и во установите за образование и оспособување на ученици со посебни образовни потреби.