По повод Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија денеска ќе ја промовира интернет платформата prijavikorupcija.mk пред студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Презентацијата ќе биде неформална, на штандови поставени на сите факултети во кампусот на УКИМ, каде студентите и професорите ќе имаат шанса директно да се информираат и интерактивно да ја тестираат платформата.
Корупцијата и судирот на интереси претставуваат феномени за кои во сите релевантни анализи се истакнува дека сѐ уште остануваат во значителна мера неказнети, а перцепцијата на граѓаните е дека антикорупциската борба не дава задоволителни резултати. Токму од овие причини, борбата против корупцијата е дел од програмата за Владеење на правото, односно од Стратегијата за работа на Хелсиншкиот комитет 2018-2020 година. Преку интернет платформата за пријавување на корупција, покрај евидентирање и мониторинг на случаи, Комитетот ќе овозможи и соодветна бесплатна правна помош на жртвите на коруптивни дејствија.