Граѓаните да се запознаат како да препознат вистинска информација во медиумите е целта на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, што го реализираат Фондацијата Метаморфозис и Евротинк – Центар за европски стратегии со поддршка од Европската унија. Граѓанските организации и медиуми од Југозападниот плански регион вечерва во Струга имаа можност да се запознаат со активностите на овој проект, кој почна да се реализира од први јануари годинава и ќе трае до крајот на 2021 година.
Проект координаторот Горан Лазаров од Евротинк посочи дека преку стимулирање култура на критичко размислување, плурализам на мислења, демократски вредности и се што е поврзано со медиумската писменост ќе им се овозможи на граѓаните зачувување на правото да имаат различни гледишта при следењето на информациите.
– Планираме креирање образовни содржини и алатки, креирање интернет страница, односно ресурсен центар каде освен работите од проектот ќе се презентираат и други работи поврзани со медиумската писменост. Ќе изработиме мобилни апликации во кои очекуваме помладите генерации да се запознаат со медиумската писменост, како и градење капацитети на граѓанските организации и медиумите- истакна Лазаров.
Во рамки на проектот, најави истражувања базирани на докази етапно по години.
– Годинава работиме истражување со средношколци, следната година ќе имаме истражувања со медиумски работници и третата година со општата јавност. Не можеме да очекуваме дека ќе прекинат пропагандите и лажните вести бидејќи тоа е светски тренд, но сакаме да придонесемме луѓето да имаат поразличен пристап околу информирањето. Да не веруваат на еден медиум и да внимаваат кој е изворот на информацијата- рече Лазаров.
Потребно е, како што нагласи, граѓанските организации задолжително да имаат партнер медиум преку кој ќе се промовираат активностите од проектот.
Во првиот циклус од проектот за мали грантови предвидено е да се додели по еден грант во сите осум плански региони со вкупен буџет од 50.000 евра или од 5.000 до 7.000 евра поединечно.