Проблемите со кои се соочуваат младите новинари во текот на образованието, а потоа и на работното место, беше тема на тркалезната маса што вчера ја организираа Радио МОФ и Младинскиот образовен форум, во рамки на Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.
Учествуваа 38 претставници од повеќе образовни институции, медиуми, здруженија, млади новинари и студенти по новинарство, кои ги споделија своите искуства и перспективи за состојбата на младите новинари во државата.
Според професорката Јасна Бачовска, в.д. раководител на новинарски студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“, има сериозен проблем со квалитетот на овие студии.
– Студиите по новинарство постојат 40 години, а таму имаме само еден наставник избран од овие студии. Ако во 1977 година, кога стартуваа студиите, имало 125 заинтересирани студенти, денес едвај се запишуваат 20, истакна Бачовска. Смета дека новинарските студии се под големо влијание на правните студии. Проблем, рече таа, е и недостигот на практична работа, а студентите само се искористуваат во медиумите како неплатена работна сила.
Жанета Трајкоска од Институт за комуникациски студии се осврна на главните проблеми со кои се соочуваат сите новинари – ниските плати, економска несигурност, искористувањето на новинарите од центрите на моќ, но и несоодветното новинарско образование.
– Имате медиуми кои нудат ужасно ниски плати, новинари кои со години работат без договори, а сето тоа носи до резултат каде најголем дел од средношколците не сакаат да бидат новинари. Медиумите ни се огледало на општеството, но новинарското образование е огледало на медиумите – укажа Трајкоска.
Сериозни проблеми таа забележа и во новинарското образование: „Ние ретко имаме критичко размислување и аналитичко пишување на додипломски студии. Имаме прес-конференции кои минуваат без ниту едно поставено прашање. Имаме професори кои врска немаат со новинарството. Не може да имате професор кој ви предава новинарско пишување, а нема еден ден работно искуство во новинарството, рече Трајкоска.
Евгенија Јанакиеска, студентка по новинарство, го опиша со зборот „ужасно“ искуството од новинарските студии.
– Не може да зборуваме за квалитет. Покрај тоа што нема професори, нема ниту учебници. Материјалот е стар. Има и цензура на факултет. Не може да си напишете статус на Фејсбук или на Твитер и да не ви реагираат од факултет – додаде Јанакиеска.
На тркалезната маса, која беше завршен настан од кампањата „Седма сила“, учесниците разговараа за идеите новинарската диплома да биде услов за влегување во новинарската професија, за потребата од ментори кои ќе ги водат студентите кога ќе почнат да работат, како и за нивните лични искуства.