Што ќе случи кога Македонија ќе стане членка на НАТО, ако албанските сепаратистички планови не згаснат, туку се засилат, а Скопје преземе мерки против Албанија и/или Косово за да спречи надворешна помош на востание, тврдејќи дека тие држави извршиле агресија? Не се исклучува можноста дека САД како лидери на НАТО можат да бидат вовлечени во таков тежок конфликт, отворено прашува и проучува авторот на анализата
Кога водителот на „Фокс њуз“, Такер Карлсон, го праша Доналд Трамп минатиот месец зошто тој треба да го испрати неговиот син во одбрана на Црна Гора, најновата членка на НАТО, претседателот како самиот да ја негираше политиката на неговата администрација. Тој покажа дека Американците не треба да ги жртвуваат своите животи за таква неважна сојузничка. Исто така, тој предупреди дека Црна Гора „има многу агресивен народ и поради тоа веднаш може да избие трета светска војна“. Како што истакна високиот соработник Даг Бендоу на институтот „Като“, коментарот на Трамп беше чуден од два аспекта. Според првиот, Сенатот ја одобри мисијата во Црна Гора под негова надлежност лани во март. Ако тој сметаше дека последниот чин со прифаќањето бескорисна микродржава во Алијансата е лош потег, требаше да го повлече разгледувањето на договорот уште пред да стигне на дневен ред во Сенатот. Според вториот аспект, како што лукаво забележува Бендоу, иако „теоретски е можно дека големите, агресивни, моќни црногорски легии можат да тргнат во поход на Москва“, сепак мали се шансите за да се случи ова, бидејќи црногорските лидери „не го имаат целосно загубено паметот“.
Сценариото дека една мала балканска држава-членка на НАТО може да предизвика војна што ќе ги вмеша САД најверојатно нема да резултира со директна провокација на Русија. Таквата реалност остави простор за критичарите на Трамп, наедно дома и надвор, да го исмеат неговиот коментар дека Црна Гора може да предизвика светска војна. Уште поголем ризик е дека причината може да биде конфликт во кој членка на Алијансата би се судрила со еден од нејзините регионални соседи. Црна Гора всушност не е толку опасна колку што е Македонија, најновата кандидатка за членство во НАТО. Црна Гора има добри односи со своите соседни држави, иако има долгогодишен спор за границата со Косово, кој неодамна беше решен кога косовскиот парламент го усвои законот за решавање на спорот, кој силно беше критикуван.
Македонија има многу полоши односи со Косово и со нивните етнички браќа во Албанија. Функционерите и народите на двете држава одамна се залагаат за планот „голема Албанија“, кој опфаќа делови од територијата на Србија, Црна Гора и особено Македонија. Отцепувањето на Косово од Србија, помогнато од НАТО во 1999 година, беше првиот голем триумф во тој план, а поборниците за голема Албанија не губеа време да тргнат по патот на победата. За неколку месеци, делови од Македонија во кои етничките Албанци се мнозинство (или во некои случаи само дел) од населението сакаа да ја дестабилизираат државата, со тоа што бараа поголема автономија во тие региони. Истовремено, САД и НАТО извршија силен притисок врз македонската влада да им ги исполни барањата, по што Скопје неволно се согласи.
Потоа тензиите кратко време се намалија, но албанските сепаратистички чувства продолжија да растат и да се шират. Во изминатите неколку години се појави нова криза, со тоа што албанските активисти предводеа големи антивладини протести. Односите на Скопје со Албанија и со Косово значително се влошија. Лани во април, Министерството за надворешни работи на Македонија формално ја обвини Албанија дека се мешала во внатрешните работи на државата. Еден месец претходно, претседателот на Македонија обвини дека барањата на албанското малцинство се најголемата закана по суверенитетот и единството на државата.
Вашингтон и другите западни главни градови продолжуваат со притисокот врз македонската влада да ги прифати барањата на албанското малцинство во државата покрај оние што му беа дадени по надворешниот притисок за време на кризата од 2001 година. Тој притисок создава големи поделби кај македонското етничко мнозинство. Лани во пролетта настана особено сериозна поделба меѓу македонските националисти и поумерените елементи. Питер Фејт, поранешниот европски пратеник во Скопје, ги предупреди националистите дека тие „си играат со оган“ ако продолжат да се противат да ѝ ја предадат власта на наредната поумерена влада. Наскоро националистите отстапија.
Сепак, државата и натаму ја мачат разорни прашања. Барањата на албанската фракција за уште поголема автономија ескалираат, и тоа ги натера претседателот и другите функционери да одбијат да дозволат дополнителни отстапки. Претседателот Ѓорге Иванов цврсто остана на ставот за едно од клучните прашања, а тоа е што постојано одбива да го потпише договорот за јазикот со кој формално се признава албанскиот како главен јазик во одредени региони во државата. Тој и неговите поддржувачи стравуваат дека ваквата нова отстапка само ќе го зголеми апетитот на албанските сепаратисти.
Амбицијата за голема Албанија добива нов залет, а тоа создава големи проблеми за идната членка на НАТО. Паралелите со настаните што доведоа до сепаратистичката војна на Косово против Србија во 1990-тите години и воената интервенција на НАТО се повеќе од вознемирувачки. Што ќе случи кога Македонија ќе стане членка на НАТО ако албанските сепаратистички планови не згаснат, туку се засилат, а Скопје преземе мерки против Албанија и/или Косово за да спречи надворешна помош на востание, тврдејќи дека тие држави извршиле агресија? Не се исклучува можноста дека САД како лидери на НАТО можат да бидат вовлечени во таков тежок конфликт.
Таквата можност го нагласува безумието на Америка да се залага да ги приклучи стратегиски и економски неважните микродржави во Алијансата. Тие не се стратегиски цели во ниедна разумна дефиниција на терминот. Наместо тоа, тие претставуваат стратегиски пречки и можни замки. Секако, мала е веројатноста дека членките како Македонија и Црна Гора би ги вовлекле САД во светска војна, за разлика од трите балтички држави што дефинитивно можат да го предизвикаат тоа, со оглед на нивните заладени односи со Русија. Состојбата на Балканот не е слична на онаа што постоеше пред избивањето на Првата светска војна и наедно ја втурна Европа (и на крајот Америка) во таа катастрофа. Но непотребното вмешување во неважен и ограничен оружен конфликт е преголем залак. Претседателот Трамп треба да реагира интуитивно, како што покажа во текот на интервјуто со Такер Карлсон, и јасно да покаже дека САД нема да дозволат членство во НАТО за Македонија и за која било друга земја-кандидатка.
Тед Гејлен Карпентер,
„Нешенел интрест“