Архиепископот Стефан е оптимист дека со помош на Вселенската патријаршија, православните цркви ќе ја осознаат вистината за МПЦ и ќе ја препознаат искреноста за нејзино прифаќање во православното семејство
Македонската православна црква-Охридска архиепископија препознава оптимизам кај вселенскиот патријарх Вартоломеј за конечно решавање на канонскиот статус на нашата црква.
Архиепископот Стефан вчера, од чествувањето на празникот Водици во црквата „Пресвета Богородица“ во Скопје, првпат јавно му се заблагодари на вселенскиот патријарх Вартоломеј за решителноста да го прифати процесот на апелациска жалба од МПЦ и да го стави на дневен ред прашањето за македонската автокефалност. Поглаварот на МПЦ-ОА е оптимист дека со помош на Вселенската патријаршија, православните цркви ќе ја осознаат вистината за МПЦ и ќе ја препознаат искреноста за нејзино прифаќање во православното семејство.
– На овој ден на богојавувањето, сакам да ја споделам со вас присутните и со сиот наш македонски верен православен народ и радоста од веста што деновиве ја добивме од Великата Христова црква – првопрестолната Цариградска патријаршија. Во овој глас на Мајката црква на помесните православни цркви, како некогаш во Јовановиот глас од пустината, слушнавме оптимизам, беше понудено исправување и израмнување на патот по кој нашата света црква со децении чекори – патот кон нејзиното препознавање и прифаќање како една и рамноправна во единството на православните цркви. Благодариме за ветеното и почнатото од неговата сесветост, патријархот г. Вартоломеј, за тоа што овој свет престојател го прифати барањето за апелација и го чу гласот со кој нашиот православен народ вика со децении во поновата и со векови во подалечната историја – дека сакаме евхаристиско единство со сите православни и дека нашата древна автокефална Охридска архиепископија, возобновена како Македонска православна црква, заслужува да биде прифатена од едната, света и соборна црква од страна на сестринските православни цркви. Дај боже да биде така – рече вчера архиепископот Стефан.
Минатата недела Вселенската патријаршија, по средбата на патријархот Вартоломеј со премиерот Оливер Спасовски и поранешниот премиерот Зоран Заев, објави дека донела одлука да биде посредник во црковниот спор и дека го прифаќа барањето на МПЦ за апелациска постапка и признавање на нејзината автокефалност.
Засега во Македонија само доскорашниот премиер Зоран Заев имаше иницијатива за поддршка, со писмото што го испрати до вселенскиот патријарх и во кое побара решавање на статусот на МПЦ-ОА.
Првичните прогнози на македонската експертска јавност се дека македонското црковно прашање станува дел од приоритетите на Вселенската патријаршија и во периодот што следува треба да се очекуваат многу поконкретни чекори за решавање на овој повеќедецениски проблем во православието.