Претседателот Стево Пендаровски денеска престојува во официјална посета на Република Италија.
Во Рим, Пендаровски на официјална церемонија беше пречекан од страна на претседателот на Република Италија, Серџо Матарела.
Двајцата претседатели остварија тет-а-тет средба, по што следуваше и пленарен состанок со официјалните делегации на Македонија и Италија.
Пендаровски на средбата се заблагодари за постојаната отворена поддршка на Италија за нашите, како што рече, стратешки цели, членството во ЕУ и НАТО.
Во оваа насока од италијанска страна го информираа претседателот дека е прифатена иницијативата на Република Италија за вонреден состанок на Советот за општи работи на Европската унија на којшто повторно ќе се отвори прашањето за почеток на преговорите со Македонија и Албанија.
Пендаровски додаде дека интегрирањето на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и НАТО е во интерес на регионалната безбедност и просперитет.
На средбата меѓу претседателите Пендаровски и Матарела се разговарало за билатералните односи меѓу Македонија и Италија, при што се констатирало дека двете држави имаат традиционално пријателски односи, со висок степен на разбирање и доверба, како и одличен политички дијалог којшто може да придонесе за зајакнување на трговската размена, соработка меѓу бизнисите и збогатување на економската соработка, информираат од претседателскиот кабинет.