Фото: Дарко Андоновски

Стекнувањето на карактеристиките на учениците како што се самодоверба, иновативност, креативност, кои треба да ги добијат уште во првите години на основното образование, се темелот за подоцнежна квалитетна надградба. И теоретските истражувања и практиката покажуваат дека вклучувањето на учениците од најраната возраст во процесите во кои ги добиваат овие карактеристики, развиваат во секој млад поединец богата имагинација, творечки пориви и иницијативност, емоционална интелигенција и морален компас, способност за критичко мислење, како и самостојност и слобода на мислење и работа. Ова е голем предизвик пред кој долго време стои нашиот образовен систем. Сега тоа повторно и со право
се реактуализира

Како да се зајакне љубопитноста, како да се поттикне креативноста и да се зголеми самодовербата кај основците? Ова се некои од дилемите и предизвиците пред кои долго време стои нашиот образовен систем. Тие сега повторно се актуализираат. Имено, овие карактеристики кај учениците кои треба да ги добијат уште во првите години во основното образование, се темелот за подоцнежна квалитетна нивна надградба како личности. Во овој контекст се предлозите за воведување низа нови елементи во системот на образование.

Практичарите, но и универзитетските професори што работеле на изработување на овие програми, сметаат дека прават нешто револуционерно, со оглед на тоа дека досегашниот пристап не беше фокусиран на развојот на личноста кај ученикот.
– Ние наставниците мора да ги почитуваме потребите на децата. Постојано да ги охрабруваме наместо да ги критикуваме. Мотивацијата секогаш неминовно дава резултат, а тоа се докажало низ низа примери конкретно со моите ученици. Ова што сега се прави, е основата на она што јас постојано го работам. Мора да им дадеме крилја на децата. Тоа е исто како кога некој ни го почне денот со убава мисла и охрабрување, тогаш нам ни е уште полесно да бидеме уште подобри. Самодоверба се гради низ мотивација. Мотивирано дете е стопроцентен рецепт за успех – вели Весела Богдановиќ, професорка во одделенска настава.

Таа им била менторка на многу наставници во многу училишта низ Македонија. На прашањето колку е можно еден наставник да работи индивидуално со секое дете поединечно во паралелка со 30 ученици, вели дека ако се има волја, сѐ може да се постигне.
– Во моментов работам со наставници што имаат големи одделенија. Ако наставникот знае да подели убава мисла, ако ја има во себе идејата дека тоа му е обврска и задача, тогаш тоа успева. Лично познавам голем број наставници што го можат тоа. Не е некоја филозофија да се охрабри дете. Во принцип, овие новини се изводливи ако кај наставникот постои волја бидејќи сѐ зависи од неговиот пристап. Формата во кој ќе се пренесуваат програмите до учениците е во насока на тоа да се оди кон учење низ игра – додава таа.

Професорката Јасмина Делчева Диздаревиќ, која работела на изработувањето на наставните програми, е согласна дека сѐ е во рацете на наставникот.
– Сѐ зависи од пристапот на наставникот. За развивање на самодовербата е потребна работа со силен индивидуален пристап на наставникот. Растоварувањето на програмите од многу содржини му дава слобода на наставникот да работи на личните квалитети на ученикот. Сега следуваат и обуки за наставниците и низ обуките треба да се истакне дека е најважна адаптацијата на наставниците. Децата во прво одделение се многу мали, тоа се всушност деца од големата група од градинките. Целите се повеќе насочени кон социјализацијата и кон самодовербата, нешта што постојат во теоријата – вели проф. д-р Диздаревиќ.
Таа информира дека на почетокот на јуни треба да има конкурс за избор на 15 пилот-училишта и за 75 наставници што ќе бидат опфатени со обуките.
– Очекувам дека веќе идната година ќе има резултати од ова што го правиме. Теоријата секогаш вели дека кога се воведува нова програма, не се става од прво до деветто одделение, туку треба да постои пилотирање. Ние всушност не измислуваме топла вода, туку правиме промени што досега никој претходно не ги направи – додава професорката.

Новите програми од прво до трето одделение се во нацрт-верзија, а наставниците и другите компетентни лица имаат можност да даваат свои предлози. Новиот план и фонд на часови, предвидуваат мајчин јазик да има пет пати во неделата, Математика – четири, Светот околу нас ќе учат трипати неделно, исто како и Уметност, Физичко и здравствено образование, додека, пак, Англиски јазик, третоодделенците ќе учат двапати неделно. Има неколку програмски подрачја кога станува збор за мајчиниот јазик. Децата, со оглед на тоа дека на светско ниво сме меѓу последните држави во светот според читање со разбирање, новите програми предвидуваат да се стави поголем акцент токму на тоа. Во трето одделение по мајчин јазик има четири програмски подрачја – комуникација и јазик, медиумска култура, почетно читање и пишување и литература. Наставниот предмет Светот околу нас во трето одделение е застапен со фонд од три часа неделно.


Што е целта на новиот план и програма за децата од прво до трето одделение?

– Учениците да донесуваат одлуки така што ќе размислуваат истовремено за повеќе можни решенија, а не за едно.
-Креативно да ги решаваат предизвиците поставени пред нив.
-Да бидат способни да решаваат конфликт.
-Да бидат креативни, бидејќи таквите деца на училиште се поуспешни од другите, а подоцна исто и во животот.
-Да се развива критичност.
-Да се развива самоиницијативност.
-Да бидат учениците енергични, оригинални и храбри, да сакаат нови предизвици и неконвенционалност, да се упорни при решавање на поставените задачи, а да се независни, зрели и емоционално стабилни.
-Кај децата да се развива чувството за хумор, а нивното неформално мото во целиот тој процес, а и подоцна во животот да биде: „Јас тоа го сакам, јас тоа го можам“…

Фото: Дарко Андоновски