Спасовски – Секуловиќ
Македонија и Црна Гора, како земји-партнери од Западен Балкан, во наредниот период ќе работат на продлабочување на меѓународната соработка, како клучен предуслов за успешно справување со транснационалниот криминал и илегалната миграција на регионално и на меѓународно ниво, на тој начин потврдувајќи ја својата посветеност кон европската перспектива, како цврста стратешка определба, беше соопштено денеска по состанокот на министрите за внатрешни работи на двете земји, Оливер Спасовски и Сергеј Секуловиќ, за време на официјалната посета на делегација од црногорското Министерството за внатрешни работи на Црна Гора, чиј домаќин е министерот Спасовски.
Министерот Спасовски ја истакна важноста на заложбите на Министерството за внатрешни работи за унапредување на меѓународната соработка, со посебен акцент на регионалната соработка како приоритет на патот кон евроинтеграциите, со посебен фокус на размената на добри практики од терен за предизвиците со кои се соочуваат државите од регионот и Европската Унија, во насока на сузбивање на транснационалниот организиран криминал.
– Придонесувајќи кон регионалната безбедност, заеднички придонесуваме кон стабилност и на Европската Унија, што се пресликува и на глобално ниво. Соработката меѓу министерствата за внатрешни работа на Република Северна Македонија и на Црна Гора е плодна и отворена што, секако, е резултат на добрите односи кои постојат меѓу двете земји – рече Спасовски.
Според Спасовски, сите овие теми се високо на агендата како на ЕУ, така и на агендите на земјите кандидати за членство.
– Токму во овој контекст, а со оглед дека за Поглавјето 24, одговорноста и надлежноста му припаѓа на Министерството за внатрешни работи, разговаравме и за европските, но истовремено и наши национални и регионални приоритети – борбата против организираниот криминал и тероризмот и справувањето со сите миграциски предизвици. Заедно со г-динот Секуловиќ констатиравме дека е неопходно интензивирање на соработката, притоа нотирајќи некои конкретни практични активности што треба да се преземат. Почнувајќи од соработка во изработката на Акциски планови за Поглавјето 24, со јасно дефинирање на целите за секоја од областите во Поглавјето, како и редовно одржување на состаноци на ниво на работни групи по однос на ова поглавје меѓу двете држави – посочи министерот Спасовски.
Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Секуловиќ, ја истакна одлучноста на Владата на Црна Гора да ги поддржи напорите на Македонија на патот кон европските интеграции.
– Подготвени сме да ги ставиме на располагање нашите капацитети на колегите од Северна Македонија во делот на спроведување на обврските во рамки на поглавјата 23 и 24 и уверен сум дека стручните знаења и искуства во текот на преговарачкиот процес ќе бидат од значење и дека низ овој вид на соработка дополнително ќе ја унапредиме размената на информации помеѓу институциите задолжени за спроведување на законите – истакна министерот Секуловиќ.
Како што посочи црногорскиот министер, здравствената криза дополнително ја зајакна свеста за важноста на посилно регионално поврзување, но и потребата за воспоставување на подобро заедничко делување помеѓу регионалните иницијативи и Европската Унија.
– Нашите пријателски земји ги поврзува заедничка историја и имаме обврска меѓусебните врски да ги одржиме и зацврстиме – нагласи Секуловиќ, изразувајќи ја својата увереност дека Црна Гора и Македонија во наредниот период ќе дадат свој полн придонес за конкретизација на современите демократски принципи.
Двајцата министри за внатрешни работи на Македонија и на Црна Гора, Спасовски и Секуловиќ се согласија дека транснационалниот организиран криминал станува сѐ покомплексен и налага продлабочување на регионалната и меѓународната соработка, а акцентот ќе биде на сузбивање на меѓународните организирани криминални групи, со што двете земји ја искажуваат подготвеноста за создавање услови за поволен политички и безбедносен амбиент во напредокот во европските интеграции.
Министрите изразија обострано уверување дека пред ресорсите за внатрешни работи, како и пред двете држави претстои период на уште поинтензивна соработка, во која двете партнерски земји, како членки на НАТО, можат да сметаат на взаемна поддршка во исполнувањето на европската агенда на патот кон остварување на евроинтеграциите.