Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во охридскиот регион отвора простор за носење штетни одлуки и понатамошно уништување на единственото УНЕСКО подрачје во земјата, се наведува во соопштението кое е здружена реакција на граѓански организации по повод предлог-законот за охридскиот регион.
– Им укажуваме на предлагачите на предлог-законот за управување со природното и културното наследство во охридскиот регион, а кој требаше да влезе во собраниска процедура оваа недела, дека текстот на предлог-законот не е ист со оној кој беше дискутиран на јавната расправа на крајот на 2018 година и презентиран на последниот комитет на УНЕСКО во Баку. Предлагачите во него додале член со кој уредува примена на т.н. Бадентеровото мнозинство (односно двојно мнозинство) при носење на препораките и мислењата на Советот за охридскиот регион (Советот) – се наведува во соопштението.
Организациите сметаат дека ваквиот начин на носење одлуки на Советот за охридскиот регион не е во согласност со Охридскиот рамковен договор, бидејќи Бадентеровиот принцип на донесување одлуки се воспостави за да се избегне надгласувањето на помалите етнички заедници за сметка на мнозинството во претставничките тела, како Собранието и советите на локалната самоуправа, каде што избрани претставници носат одлуки во името на граѓаните. Во конкретниот случај се работи за стручно тело со советодавна улога, чиј мандат е точно определен во членот 9 од предлог-законот, односно тело кое дава мислења, препораки и предлози заради зачувување на природата и културното наследство на охридскиот регион, но не донесува одлуки, се додава во соопштението.
Имено, во членот 8, став 15 од предлог-законот уредено е дека членовите се бираат според нивната функција, односно позиција во одредена релевантна институција, а не согласно принципот на Бадентер, од што произлегува дека не мора да значи дека нејзиниот состав ќе ја одразува етничката структура на државата.
Воедно сметаме дека ваквото законско решение ќе создаде простор за локални моќници директно да влијаат на сите препораки, предлози и мислења што ќе ги носи овој Совет и повторно ќе се реализираат штетни инфраструктурни проекти, а кои ќе значат понатамошно уништување на охридскиот регион и со сигурност ќе бидат причина за губење на статусот на УНЕСКО во 2020 година.
Во соопштението се наведени и барањата на потписниците.
– Бараме од Министерството за култура, како предлагач на Предлог-законот до Собранието да го достави текстот на Предлог-законот кој беше предмет на јавна расправа и кој беше презентиран на последниот комитет на УНЕСКО во Баку во јуни 2019 година;
– Бараме од Собранието во прво читање да расправа по текстот на предлог-законот од ноември 2018 година кој беше консултиран со засегнатите страни и јавноста и кој беше доставен до Комитетот на УНЕСКО во Баку во јуни 2019 година.
– Бараме од Владата да ја препознае заканата од уништување на природното и културно наследство и сериозно и доследно да се заложи за спроведување назаконските и подзаконските акти донесени во оваа држава, почнувајќи со Уставот, а кои посебно влијаат на природнотото и културното наследство.
Соопштението го потпишаа, Движење за околината Молика – ДОМ Битола, Еко Герила Тетово, Еко Живот Кавадарци, Извиднички Поречански Одред Крсте Јон – Струга,
Фронт 21/42 Скопје, Центар за климатски промени – Гевгелија, Граѓанска иницијатива Охрид СОС, Еко ЛОГИК Скопје, Анима Мунди Скопје, Македонски зелен центар, О2 Иницијатива, а поддржано е и од од Блупринт групата за правосудство: Хелсиншки Комитет за човекови правам, Фондација Отворено општество – Македонија, Институт за европски политики ЕПИ, Здружение на млади правници, Коалиција сите за правично судење, Институт за човекови права и од Центарот за правни истражувања и анализи.