Фото: Игор Бансколиев

СВЕТОТ ПРЕД УШТЕ ЕДНА ТУРБУЛЕНТНА ГОДИНА

Македонските познавачи на политичките процеси во светот, во своите согледувања, во голема мера ги лоцираат истите геополитички предизвици за 2020 година, но и се обидуваат да ги проценат македонските политички приоритети во услови на доминантно влијание на глобалните процеси и интереси врз одлуките што се носат и на внатрешен план

Секому што живее во Македонија му е повеќе од јасно дека земјава не е во ситуација да биде играч на геополитички план, но тоа не ја исклучува политичко-интелектуалната одговорност да се следат случувањата и односите на големите играчи и да се претпостави глобалниот геополитички контекст, во кој треба да се позиционираат и интересите на сопствената, иако мала држава. Политичките аналитичари во регионот, редовно го прават тоа на почетокот на годината и нивните процени се дека и оваа 2020-та ќе биде обележана со продолжение на случувањата околу брегзит, зашто Велика Британија е многу важна за капиталистичко-либералниот систем, а нејзиното излегување од европскиот блок претставува најава за разорувањето на ЕУ.
Се предвидува дека во голема мера на случувањата во 2020-та ќе влијаат и претседателските избори во САД, а предизборната кампања таму се претставува како своевидна внатрешна американска политичка граѓанска војна, која се прелева во целиот свет.

Македонските познавачи на политичките процеси во светот во нивните согледувања во голема мера ги лоцираат истите геополитички предизвици за 2020 година, но и се обидуваат да ги проценат македонските политички приоритети во услови на доминантно влијание на глобалните процеси и интереси врз одлуките што се носат и на внатрешен план.

– За жал, светот оди надолу и во 2020-та не може да се очекува позитивен развој на настаните и на геополитички план. Ние сме во нова студена војна, која само ќе се прошири и продлабочи. САД се пред избори , а тоа е секогаш предизвик да се направат проблеми во светот, за да победи актуелниот претседател. Во 2020 година тоа значи дека конфронтација со Русија ќе биде продлабочена и пожестока, а тоа ќе има негативно влијание врз целиот свет. ЕУ, која е нашиот главен интерес, ќе има драматичен период со брегзит и неоспорно е дека проширувањето ќе биде на маргините на нивните интереси. Македонија ја чекаат драматични мигови, бидејќи сме пред избори, а тие кај нас секогаш се сериозен предизвик на секој план. Сето тоа наведува дека оваа година по многу нешта ќе биде загубена за нашата земја. Датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ многу тешко ќе го добиеме, односно тоа е речиси невозможна мисија. Од друга страна, таквото сознание мора да нѐ освести да се посветиме на реформите, кои се наш интерес, а не на Брисел. Тоа значи дека мора да се потпреме на самите себе и новата влада да се сконцентрира на економскиот развој на Македонија – размислува дипломатот Ристо Никовски, кој е добар познавач и на глобалните политички односи и процеси.

Регионалните аналитичари, меѓу другите важни настани што ги предвидуваат за 2020 година е и одбележувањето на 75-годишната од победата на фашизмот, што Русија ќе настојува да ја искористи за да ја истакне важноста на својата улога во Втората светска војна, која во голема мера е потисната, најмногу поради дистанцирањето на земјите од Централна Европа (многу од нив и дел од бившиот советски блок) со негирање на своето комунистичко наследство. Покрај односите на САД и Русија, како важен настан во годината пред нас, се констатира и влијанието на подемот на Кина и односот на Западот, односно на САД спрема Пекинг, во проектот „Појас и пат“, односно обидот на САД да ја опструира економската експанзија на Кина.

– Сепак, главната конфронтација ќе биде меѓу САД и Русија, најмногу поради големата воена моќ на Русија. САД се обидуваат да ја превенираат економската експанзија на Кина, но таа сѐ уште не е толку воено моќна (како Русија) за да претставува главна опасност за воената доминација на САД. Но таа кинеско-американска конфронтација, нас сѐ уште не нѐ допира значително. Повеќе влијание има односот на САД со Русија, бидејќи ЕУ енергетски зависи од Русија, а нашиот интерес е сепак членството во ЕУ – вели Никовски.

Фото: Игор Бансколиев

Дипломатот и политички аналитичар Драган Јањатов, во тековната 2020-та, оптимистички очекува да се избалансираат односите меѓу Русија и САД, зачуден е за молкот на Кина и воопшто на азиските земји за воените игри и закани на Блискиот Исток, а од македонската политика очекува посериозен пристап во надворешната политика.

– Геополитичките предизвици во 2020 г. се големи, колку што е голема и неизвесноста од исходот на процесите започнати во изминатите години. Сепак, оптимистички очекувам работите да почнат барем да се решаваат во позитивна насока. Претседателските избори во САД очекувам да го избалансираат односот со Русија. Актуелниот американски претседател Трамп не ги исполни очекувањата во однос на балансирање на односите со Русија. А нивниот меѓусебен однос влијае на процесите во целиот свет. Потоа очекувам да почнат да се решаваат прашањата во Европа, каде што ЕУ е главниот фактор, а Унијата е обременета со новата реалност по брегзит. Односот на Русија и на Турција спрема настаните на Блискиот Исток, наспроти западните интереси, во голема мера ќе влијае на геополитичкиот контекст во 2020 година. На тој план ме зачудува молкот на Кина и на азиските земји, кои сѐ повеќе искажуваат глобални економски амбиции. Во секој случај, оптимист сум дека некои дилеми ќе почнат да се решаваат, но кога, како и по која цена ќе биде тоа решение, останува да следиме – заклучува Драган Јањатов.

Во однос на македонското позиционирање на глобален план, Јањатов констатира дека иако Македонија не е во ситуација да биде играч на геополитички план, треба да ги следи тие случувања и да се позиционира во таквите односи.
– Верувам дека во март, годинава, ќе го добиеме датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Но и покрај тоа, сериозен предизвик на домашен план е што се започнати многу процеси (како спроведување на Преспанскиот договор, договорот со Бугарија), а на ниту еден не му се гледа крајот, а притоа се појавуваат нови предизвици . Новата влада по изборите треба да има сериозен пристап во надворешната политика – смета Јањатов.
Професорот на политички студии, Лазар Лазаров, смета дека не само оваа 2020-та, туку и наредните две-три години на Македонија не ѝ се потребни внатрешни политички спротивставености и конфронтации.

– По изборите, Македонија има потреба од заедничка влада или широка коалиција. Имаме големи предизвици на надворешен план, па не ни се потребни внатрешни конфронтации меѓу партиите, барем 2-3 години. Што се однесува до настан што на светски план би ја обележал 2020 година, ако се докаже како вистинито дека Паско Кузман го открил гробот на Александар Македонски во Мрзенци, кај Гевгелија, тоа би било капитално откритие што ќе има големо значење не само за Македонија, туку ќе се одрази и на светските политички процеси. Во меѓувреме, сепак треба да ја следиме реалната геополитика – вели професорот Лазар Лазаров.


Милан Стефановски, политиколог

Длабоки расцепи на геополитичката карта

Веќе се оцртуваат длабоките расцепи на геополитичката карта од големиот геополитички земјотрес во 2019 година. Според она што можам да проценам, 2019 година беше една од најдинамичните години кога станува збор за редефинирање на политичката моќ и несомнено тоа ќе остави последици и во 2020 година. Минатата година се случија низа настани, кои комплетно го преуредија светот, станува збор за ера што ја оцртува Трамповата администрација во делот на надворешната политика, имено веднаш по елиминирањето на опасноста од Северна Кореја почна трговската војна помеѓу Кина и САД и тоа беше дефинирање на новата надворешна политика на Трамп, која јасно покажа дека САД под негово водство самостојно ќе ги регулираат односите со клучните играчи во светот и тука веднаш би ја издвоил булдожер-дипломатијата на Трамп кон Турција, која реши самостојното да дејствува во Сирија и на некој начин ги заузда апетитите на Турција во однос на Курдите во Сирија. Критиките на Трамп кон НАТО и едностраното повлекување на трупите на војската на САД од Сирија и едностраниот напад на Турција во Сирија ја разнишаа довербата на НАТО во однос на членот 5 и единството. Критиките на Макрон кон НАТО и ЕУ своевидно ја намалија моќта на овие два сојуза во средината економскиот, политичкиот и трговскиот судир помеѓу Кина и Русија на една страна и САД од друга страна, но истовремено ја разоткрија вистината дека постојат огромни разлики во заедничката европска надворешна политика. Ако сумираме, ЕУ значително го намали своето геополитичко влијание поради несогласувањата внатре во однос на мигрантските политики, брегзит и проширувањето на Унијата. Брегзит по убедливата победа на Џонсон е завршена работа и тоа прашање е затворено и за Британија и за ЕУ, остануваат само дефинирањето на трговските и економските договори на релацијата Британија – ЕУ, Британија – САД и Британија-Кина.

Она што можеме да видиме дека најверојатно ќе се потпише и новиот трговски договор на Кина со САД. Она што го насетуваме што е следно во 2020 година е можеби релаксирање на односите на Кина и САД, поради изборите во САД, стабилизирање на односите внатре во ЕУ по брегзит и можен договор за единствен одговор кон мигрантските закани.

Елиминацијата на ИСИС во Сирија и во Ирак нема да донесе стабилизирање на тој регион, туку се очекува можна дестабилизација од можни асиметрични закани по убиството на иранскиот генерал од страна на САД, нападот на американската амбасада во Ирак , немирите во Либија.