Додека во јавноста сѐ уште не стивнуваат реакциите за групата што ја крена македонската јавност на нозе на социјалната мрежа Телеграм, на која периодов се објавувани фотографии на малолетници со експлицитна содржина, полицијата преку конкретни мерки веќе го откри администраторот и побара од службата на мобилната апликација да ја избрише групата „Јавна соба“.
Од Министерството за внатрешни за „Нова Македонија“ ни беше соопштено дека истрагата продолжува, но повеќе детали засега не се откриваат. Единствено кратко ни беше посочено дека за случајот е известено Основното јавно обвинителство.
– Секторот за компјутерски криминал и форензика веднаш оствари контакт со мрежата Телеграм, за добивање на потребните податоци околу функционирањето на оваа група и наедно ја известивме за содржините што се објавени – соопштија од МВР.
Токму поради овој пример од кој беше згрозена македонската јавност поради содржините што се истакнуваат во неа, а кои се вознемирувачки и вулгарни, но и другите случаи во минатото од ваков тип, во домашната јавност повторно се актуализира темата поврзана со сајбер-безбедноста кај граѓаните и во општеството. Во таа насока, од соговорниците познавачи на социјалните мрежи, но и на сајбер-просторот, побаравме одговор на прашањето како всушност да се спречат вакви девијантни појава на социјалните мрежи и дали има механизам да се превенира во иднина.
Во сублимиран заклучок безбедносните експерти тврдат дека во моментов никоја земја од светот не може да се пофали дека е безбедна од заканите, но и девијациите што доаѓаат од сајбер-просторот и на социјалните мрежи. Според нив, токму затоа Македонија периодов на големо работи да создаде услови институциите да можат подобро да ги гарантираат безбедноста на интернет и сигурноста на компјутерските системи кај граѓаните, а во тој правец се подготвени државни стратегии и акциски планови и се формирани редици специјализирани тела за справување со овие превирања.
Пецо Трајковски од форумот за истражување безбедносни политики „Секуритас“, коментирајќи ги актуелните случувања со групата на „Телеграм“, вели дека, сакале ние или не, интернет-просторот и користењето на компјутерската технологија длабоко се навлезени во нашето општество, па токму поради тоа разбирливо е зошто прашањата со безбедноста на ова поле се толку актуелни.
– Најпрво сакам да истакнам дека МВР и секторот за компјутерски криминал и форензика експресно реагираа за последното случување, а тоа укажува дека сепак институцијата професионално работи на контрола на ваквите девијации. Социјалните мрежи сами по себе си го носат ризикот за вакви групи и во таа насока треба многу да се работи на превенцијата. Овде сакам да додадам дека треба да бидат вклучени повеќе страни, како од цивилниот сектор така и од безбедносниот, за да има поголема филтрација на содржините на социјалните мрежи и интернетот во земјава – вели безбедносниот експерт Трајковски. Улогата на родителите во превенцијата на штетните последици од виртуелниот свет е клучна, но проблемот на кој укажува Пецо Трајковски од форумот за истражување безбедносни политики „Секуритас“ е недостигот од компјутерски познавања токму кај родителите.
– Образованието од мали нозе, но и поголемата едукација на родителите преку соработка со институциите, е единствен лек во иднина да се намалат овие појави. Колку порано се препознае проблемот кај децата толку побрзо може да се реши. Сѐ додека родителите и институциите што се надлежни за следење на содржината на социјалните мрежи и интернетот само немо ги следат случувањата без претставки, ќе имаме вакви работи, кои можат и психички да влијаат на некои лица – вели Трајковски.
Тој дополнува дека за справување со овие проблеми во акцискиот план што неодамна го најави Владата е предвидено и основање центар за побезбеден интернет и се надева дека државата ќе успее конечно да го основа и тој да профункционира.
Инаку, неофицијално, досега полицијата успеала да влезе во трагата и да го открие администраторот на групата, а ги обезбедила и телефонските броеви на над седум илјади члена. Пред отворањето на полициската истрага, групата имаше над 7.400 члена, кои најчесто користат псевдоними. Еден од администраторите на групата, во која се влегува само преку пријател, е наречен Медо, а во текот на вчерашниот ден бројката на членовите во групата двојно се намали и изнесуваше некаде околу 4.000 члена. Во меѓувреме, казните за производство, набавка и ширење детска порнографија преку средства за масовна комуникација во земјава се од пет до осум години затвор. Ова меѓу другото се наведува во членот 193-а од Кривичниот закон.
Според законот, тој што произведува детска порнографија за нејзина дистрибуција или ја пренесува или ја нуди или на друг начин ја прави достапна детската порнографија, ќе се казни со затвор од најмалку пет години. Паралелни на сето ова се и стравувањата во јавноста дека истрагата на полицијата нема да донесе резултати, бидејќи во меѓувреме групата може да биде избришана.