Случувањата во врска со црковните имоти во Црна Гора предизвикаа повторен судир и дополнителни поделби меѓу Српската православна црква и непризнаената Црногорска автокефална црква. Таквите нерешени имотноправни спорови стануваат дури и суштинско прашање во релацијата меѓу Црна Гора и Србија. Габаритот на ваквите прашања е неоспорен, но исто така се отвора и прашањето дали ваквата ситуација може да се рефлектира и во Македонија, и постои ли опасност СПЦ, односно нивната филијала во Македонија, или, пак, други православни цркви да отворат некакви прашања за црковни имоти во Македонија
Црковните имоти стануваат суштинско прашање во релацијата меѓу Црна Гора и Србија, кое овој период може да предизвика дополнителни поделби и судир меѓу Српската православна црква и непризнаената Црногорска автокефална црква. Обидот на црногорската влада преку закон да ѝ ги одземе црквите и манастирите на СПЦ засега е ставен во статус кво, со оглед на даденото мислење од Венецијанската комисија, која препорачува за ова прашање наместо законско решение да се остави можност да одлучува судот. Овие проблеми, кои сега се актуелни во Црна Гора, според СПЦ, се обид на државата да ѝ ги одземе имотите за да ѝ ги додели на Црногорската црква. Идејата наводно била ЦПЦ да обезбеди структура за да може потоа да бара признавање на својата автокефалност од Вселенската патријаршија.
Дали овие случувања во Црна Гора можат да се рефлектираат и во Македонија? И постои ли опасност СПЦ да го отвори прашањето за црковните имоти во Македонија?
Верските аналитичари велат дека за разлика од Црна Гора, Македонија нема простор да стравува од можноста СПЦ да се обиде да ги оспорува имотите на МПЦ-ОА, пред сѐ затоа што ова прашање е многу одамна, уште во времето на СФРЈ, затворено. И за МПЦ како црква што бара автокефалност од Вселенската патријаршија прашањето за црковните имоти не е тема за разговор.
Аналитичарот Бранко Ѓорѓевски вели дека актуелното прашање во Црна Гора не може да има рефлексии врз МПЦ.
– Прашањето на сопственоста врз црковните имоти досега не беше толку силно поставувано од српска страна. И во Нишкиот договор тоа не се спомнуваше. Затоа ова не може да повлече последици по нас. Венецијанската комисија најде едно компромисно решение и работите им ги препушти на судовите, кои, потоа, ќе решаваат врз основа на тапии, одлуки од минатото, правото што го имала Црногорската црква, потоа како таа е укината од световната власт, па како СПЦ станала сопственик – објаснува Ѓорѓевски.
Сепак, според него, тука има многу аспекти што ќе мора да се расплетуваат преку судовите.
– Венецијанската комисија не сакаше да дозволи државата со закон да стане сопственик на верски објекти. Таа одлуката е во ред. А прашањето на сопственоста врз нашите цркви и црковни имоти, не е спорно. И во 1959 година кога добивме автономија тоа не се спомнуваше, никаде не беше кажано дека сопственоста врз храмовите ќе биде во рацете на СПЦ. Се подразбираше кој ќе има посед врз нив – истакна аналитичарот.
Сепак, познавачите на црковните состојби велат дека црковното прашање во Црна Гора е неспоредливо со тоа во Македонија. Главната разлика е што во Македонија повеќе од 70 години функционира организирана и жива црква, додека во Црна Гора, СПЦ ја има таа доминацијата, зашто ЦПЦ е организација брз големо влијание и без структура.
Состојбата со црковните имоти, пак, во земјава е таква што, црковните објекти и имоти ѝ припаѓаат, односно се сопственост на МПЦ. Вредните и стари манастири се прогласени за културно-историски споменици, а со процесот на денационализација ѝ се дадени на управување на МПЦ, што значи дека за секоја промена во тие манастири, епархиите на МПЦ мора да бараат одобрение од државата, односно од надлежните институции како Министерството за култура, односно Заводот за заштита на културните споменици.
Инаку, нема точни податоци колку црковен имот е во сопственост на МПЦ. Во секое село, во секој град, низ целата земја, МПЦ има парче имот.
Според неофицијални информации, покрај сопственоста на црквите и манастирите, МПЦ има и милиони квадратни метри во пасишта, ниви, шуми, овоштарници, лозја и станови. Тоа е само дел од имотот што црквата го има во сопственост или, пак, има законско право на користење на тој имот, покрај црковните храмови.
Црковниот спор меѓу МПЦ и СПЦ трае повеќе од пет децении. Период во кој двете цркви не успеаја да најдат заеднички јазик. МПЦ инсистира на својата автокефалност, СПЦ е подготвена само на автономија. Сега прашањето е кај Вселенската патријаршија, која се нафати да биде апелациски судија во спорот. МПЦ очекува Вселенската патријаршија да ѝ ја признае автокефалноста.