Верските аналитичари и познавачи на црковните прашања во Српската православна црква велат дека и на лаиците им е јасно дека од неодамна владиците водат трка кој од нив ќе биде следниот патријарх. Од една страна, ова зборува за моменталната состојба во СПЦ и колку се длабоки поделбите меѓу владиците, но, од друга страна, тука е фактот дека владиците не го почитуваат сегашниот патријарх Иринеј. А што се однесува до односот на СПЦ и МПЦ, токму Иринеј го промени ставот, тврдејќи дека црковното прашање е решено со формирањето на Православната охридска архиепископија (ПОА) на расчинетиот владика од МПЦ, Јован Вранишковски. Дали новите кандидати за патријарх ќе имаат различен став?
Српската црковна јавност е преокупирана со медиумски анализи за можен наследник на Иринеј, патријархот на Српската православна црква. Темата стана актуелна откако пред две недели поглаварот беше хоспитализиран на Воено-медицинската академија во Белград. Оттаму не открија детали за неговата здравствена состојба.
Сепак, според официјалниот веб-сајт на СПЦ, тој деновиве е повторно активен со служење литургии. Првпат по боледувањето, изминатата недела отслужил литургија во Соборниот храм во Белград.
Кога беше избран на тронот на Пеќската патријаршија, српскиот патријарх Иринеј најавуваше решавање на црковниот спор во Македонија. Такво очекување тогаш искажа и вселенскиот патријарх Вартоломеј при посетата во Белград. Сепак, од овие најави подоцна не излезе ништо конкретно, а патријархот Иринеј го промени ставот, тврдејќи дека црковното прашање во Македонија е решено со формирањето на Православната охридска архиепископија (ПОА) на расчинетиот владика од МПЦ, Јован Вранишковски.
Во српските црковни кругови веќе се издвоени некои кандидати за потенцијални наследници, кои се од помладата генерација владици на СПЦ, но сепак експертите ја поставуваат дилемата колку тие ќе бидат расположени објективно да гледаат на прашањето за решавање на автокефалноста на МПЦ.
Тоа се двајца епископи што ѝ припаѓаат на помладата генерација, едниот е митрополитот загрепско-љубљански Порфириј и владиката надлежен за Дизелдорф и Германија, Григориј. И двајцата изјавиле дека се надеваат дека патријархот Иринеј ќе живее уште многу години.
Владиката Григориј вели дека не успеал да го следи сето она што е напишано по медиумите, но слушнал дека тоа е една од актуелните теми во медиумите.
– Можам само да го кажам моето лично мислење на оваа тема, а тоа е дека мојот впечаток е дека заедно со епископите Јоаникиј и Игнатиј, митрополитот Порфириј е меѓу најсериозните кандидати за следниот патријарх – рече владиката Григориј.
Митрополитот Порфириј, пак, смета дека е неразумно да се кандидираат какви било кандидати за иден патријарх.
– Ова е бесмислено и нечесно, па дури и злонамерно од некои личности. Фала му на бога, имаме жив и здрав патријарх. Нека го поживее Господ уште многу години. Црквата не е политичка организација, така што секој вид кампања во црквата е нецрковна и неевангелска и пред сѐ е штетна за тоа. Таа работи според принципот на слушање и служење. Притоа, се потпира на доверба во бог и во неговата мисла. Народната мудрост вели „човекот сонува, а бог одлучува“. Кого бог ќе повика кон себеси порано, а кого подоцна, тоа е мистерија. Кога ќе дојде време, кандидати се сите членови на Соборот на СПЦ- заклучил Порфириј.
Жељко Ињац, верски аналитичар, вели дека и на лаиците им е јасно дека од неодамна владиците водат трка кој од нив ќе биде следниот патријарх.
– Ова, од една страна, зборува за моменталната состојба во СПЦ и колку се длабоки поделбите меѓу владиците, но, од друга страна, тука е фактот дека владиците не го почитуваат сегашниот патријарх. Според изјавите на некои владици во СПЦ, сосема очекувано е дека тие ќе изберат нов патријарх покрај живиот патријарх. Оваа медиумска врева само покажа дека одредени епископи имаат сериозни амбиции да седнат на патријаршискиот престол – додава аналитичарот Ињац.
Игрите околу тронот не се нови
Уште пред смртта на претходниот српски патријарх Павле, односно додека тој лежел во болнички кревет, некои епископи имале целосна надеж дека ќе го заземат неговото место. Тогаш медиумите, исто така, биле преплавени со разни предвидувања, со разни лицитации, а според аналитичарите, зад многу од тие текстови стоеле одредени епископи од СПЦ.
Девет години патријарх
– Патријархот Иринеј има 89 години
– Зад себе има 60 години монашка служба
– Во 2010 година, тој стана патријарх