Еден од најпознатите македонски актери, Ванчо Петрушевски, почина на 67-годишна возраст. Неговите пријатели и колеги веќе ја споделуваат веста на социјалните мрежи.
– Тукушто разбрав дека доајенот на Драмски театар и македонското глумиште, Ванчо Петрушевски, трагично го загуби животот. Почивај во мир Рамче. За комеморацијата и погребот дополнително ќе известиме, напиша на Фејсбук директорот на Драмски театар, Сашо Тасевски.
Неофицијално, актерот загинал од струен удар во неговата викендичка во Орешани, близу Драчево, каде го поминувал времето во летните месеци.
Петрушевски е роден во Скопје. Веднаш по завршувањето на Високата музичка школа, отсек за актерски кадри во Скопје во 1975 година се вработил во Драмскиот театар во Скопје, каде неговиот талент го истакнал веќе во првата претстава „Ослободување на Скопје” од Д. Јовановиќ.
Учествувал во голем број радио-драмсики проекти, телевизиски драми, серии и слично. Познат е по своите улоги во Македонски народни приказни. Во 2016 година освои Државна награда 11 Октомври за остварување во областа на уметноста и културата.