Денеска во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, со почитување на протоколите за
заштита од ковид-19, се одржа воена свеченост по повод примопредавањето на
должноста командант на артилериски баталјон од составот на 1. пешадиска бригада. Должноста командант на баталјонот во наредниот период ќе ја извршува потполковник Славчо Кузманоски која ја презеде од потполковник Ѓорѓи Василевски.
На свеченоста присуствуваше Началникот на ГШ генерал потполковник Васко Ѓурчиновски, Командантот на Командата за операции генерал мајор Павле Арсоски, командантот на 1. пбр, полковник Бесник Емини и командантите на единиците од 1.пбр
и градоначалниците на општините Прилеп и Новаци.
Пред стројот на единицата и присутните гости во своето обраќање, командантот на 1.пбр полковник Бесник Емини му се заблагодари на досегашниот командант за вложениот труд и покажаните резултати за време на неговото командување со единицата, а на потполковникот Славчо Кузманоски му упати искрени честитки по повод стапувањето на новата должност.
– Да се биде командант на баталјонот кој претставува железна тупаница на првата бригада и без чија поддршка не би можеле да функционираат и останатите единици во Армијата претставува огромна чест но и обврска – истакна во своето обраќање полковникот Емини.
Досегашниот командант на артб, потполковникот Ѓорѓи Василевски, во својот говор меѓу другото им оддаде признание на припадниците на баталјонот за вложениот труд во извршувањето на задачите и предизвиците со кои единицата успешно се справуваше во текот на неговото командување, а на новоназначениот командант му порача „да се грижи за војниците во баталјонот и неговите колеги.“
Потполковникот Славчо Кузманоски, забалагодарувајќи се на укажаната доверба, вети дека ќе го даде својот максимум за постигнување на уште подобри резултати во извршувањето на своите задачи во иднина. Ка.М.