Пендаровски на 54-та Летна школа за македонски јазик
Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на 54-та Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, којашто се одржува во Охрид од 15 август до 1 септември годинава со учество на 50 учесници од 16 земји.
Таа е продолжение на работата на Првата зимска школа, двете во знакот на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески.
– Годинава одбележуваме сто години од раѓањето на великанот на македонската филологија, лингвистика и книжевност, академик Блаже Конески и токму затоа, оваа 2021 година е посветена на неговото велико дело. Сигурен сум дека запознавањето со делото на Конески ќе биде додадена вредност за педесеттемина учесници коишто ни доаѓаат од 16 земји од три континенти. Тоа е бројка за почит и сведочи за несмалениот интерес за изучување на македонскиот јазик и на македонската литература и за подлабоко запознавање со македонската култура. Со тие факти, со право, треба да се гордееме, но тие истовремено и нѐ обврзуваат да продолжиме да ги развиваме и да ги унапредуваме врските со сите посветени вљубеници во македонскиот јазик и промотори на македонската литература и култура – истакна Пендаровски.
Претседателот оценува дека како човештво се соочуваме со тешки искушенија.
– Освен гео-политички судири и борби за ресурси, за територија и за моќ, во континуитет, се соочуваме со климатски промени што се особено видливи ова лето, со енормно високи температури кои погодуваат на ширењето пожари низ нашата земја, но и во други земји во Европа. Тука е и пандемијата на ковид-19 која не стивнува, држејќи не сеуште во страв и неизвесност. Сите овие кризи ни покажуваат колку сме кревки и бараат преиспитување на нашите вредности, верувања и приоритети. Се надевам дека овие потешкотии ќе нѐ насочат повеќе кон духовноста, помалку кон материјалното, повеќе кон солидарноста наспроти омразата и себичноста – рече Пендаровски.
Според него, јазикот, уметноста и културата се оние сегменти кои му даваат значење и смисла на човечкиот живот и овозможуваат траење низ времето и помнење за иднината.