Државната комисија за спречување на корупцијата ја утврди Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси за 2020-2024, која ги посочува најризичните фактори за коруптивното тло во општеството, по што таа вчера му беше предадена на собранискиот спикер Талат Џафери и се очекува Собранието, во наредниот период, да ја изгласа. Во стратегијата се посочени 12 области со ризик за корупција, меѓу кои, покрај правосудството, политичкиот систем и здравството, се и медиумите, невладините организации, екологијата и земјоделството… Интересно е што првпат во сферата на работа на ДКСК влегува и спортот како област во која ќе се бара корупција и криминал. Иако проблемот со корупцијата во земјава речиси во сите извештаи на релевантни меѓународни организации, со години, се посочува како еден од најголемите во Македонија, значителен напредок во оваа област не беше остварен, а според многумина, можело да се забележи дури и назадување.
Некои од експертите со кои се консултиравме велат дека со оглед на условите и законските рамки во кои функционира ДКСК, невозможно е да се одговори на преголемите очекувања во јавноста. Коментирајќи ја новата стратегија на ДКСК за намалување на корупцијата за наредните години, поранешната шефица на антикорупциската комисија Мирјана Димовска во изјава за „Нова Македонија“ посочува дека во земја каде што владее поткупливост и таа е распространета од врвот, па до нејзиното најниско ниво на општеството, недозволиво е да не постои институција што ќе има вистинска надлежност да го спречува тоа. Димовска смета дека тоа е така оти во земјава премногу ѝ се придава значење на оваа институција, а сепак таа го нема тоа, односно не поседува такви ингеренции.
– Во принцип, ние имаме системска корупција, која всушност е и најтешкиот проблем во нашата држава. Таа е навлезена во психологијата на луѓето, но и во највисоките структури и оттаму влијае на другите во општеството да имаат коруптивно однесување. Во исто време кога корупцијата, како што гледаме, ја имаме во системот, тоа значи дека таа е вклучена и во законите, но и во институциите. Оттаму, борбата против корупцијата, за жал, е лошо поставена и таа токму затоа не е ефикасна – вели Димовска.
Инаку, директорката на ДКСК, Билјана Ивановска, вчера на претставувањето на стратегијата, посочи дека ризични области во кои најмногу се препознаваат коруптивните однесувања се вработувањата, процесот на јавни набавки, контролната и надзорната улога и донесувањето одлуки.