Историските факти и сведоштва, до кои дојде нашиот весник, вклучувајќи и едно ретко писмо, чија автентичност е веќе потврдена, ја негираат бугарската теза дека Гоце Делчев бил Бугарин. Од писмото дознаваме дека Гоце Делчев го гледа ослободувањето на Македонија во едно внатрешно востание, и дека оној што мисли поинаку се лаже себеси и другите. Гоце Делчев многу јасно ја искажува својата цел за решавање на македонското прашање и тој пишува за „слободна државичка“
Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров, како членови на комисијата меѓу Македонија и Бугарија што разгледува историски прашања, на последната заедничка средба напоменаа дека за одредени работи експертите постигнале согласност во однос на Гоце Делчев, но за одредени моменти нивните мислења се спротивставувале. Нагласија оти оваа тема ќе биде предмет на дискусија и на следната средба на комисијата што ќе се одржи во септември. Димитров изрази увереност дека доколку се продолжи со овој конструктивен пристап на состаноците на кои се почитуваат фактите и си има правилен пристап кон историјата, со сигурност ќе се најде заеднички јазик за заедничко чествување на Гоце Делчев. Димитров, исто така, рече дека е уверен оти постојат простор и основа за наоѓање заедничко разбирање ако се однесуваме сериозно кон историските факти и документација, со почитување на позицијата на другиот.
Драги Ѓоргиев за оваа средба забележа дека не би навлегувал точно со кои проблеми се судираат или кои се моментите околу кои се согласуваме. Според него, тоа е процес што трае и што ќе продолжи.
– Во моментот кога ќе постигнеме договор ќе можеме да кажеме кои се тие места и проблеми за кои не се согласуваме или се согласуваме – посочи Ѓоргиев. Меѓутоа, одговорот на ова прашање го даде Ванчо Ѓорѓиев, член на заедничката македонско-бугарска комисија, кој истакна дека на првиот состанок на комисијата, бугарската страна побарала од македонската да го признае Гоце Делчев за Бугарин, во спротивно ќе биде ставено вето за преговорите и евентуалното членство на Македонија во Европската Унија.
По завршувањето на последната средба на македонско-бугарската комисија, членовите на бугарската страна имаа неколку обраќања во бугарските медиуми. – Нашата позиција е јасна: професионално е неодговорно да се игнорираат огромниот број на документирани докази, бугарски и странски, некои од рацете на самиот Делчев, како и наши и странски студии, кои преовладуваат за Г. Делчев, неговото дело и неговото време. Проблемот е што нашите колеги не се фокусираат на личноста на Гоце Делчев во контекст на неговото историско време – изјави Ангел Димитров.
Даниел Вачков, исто така член на комисијата, за еден од бугарските медиуми забележа дека нема сомнение за бугарското потекло на Гоце Делчев. Според него, македонските претставници во комисијата акцентот го ставаат врз дејноста на Гоце Делчев за автономна Македонија. Во однос на ова прашање, Даниел Вачков забележа дека борбата за самостојна Македонија создава можност за различни интерпретации. Гоце Делчев и Внатрешната организација отсекогаш за своја цел ја поставувале автономна Македонија, меѓутоа бугарските историчари во автономна Македонија гледаат како на тактична цел, односно крајната цел на Внатрешната организација е присоединување на Македонија кон Бугарија. Вачков исто така напомена дека не постојат официјални сведоштва што посочуваат дека Гоце Делчев изјавил дека се бори за присоединување. Според Даниел Вачков, не постои длабока противречност во тоа да си Бугарин по потекло и истовремено да работиш за слободата на Македонија.
Не треба да се заборави дека во текот на целиот процес на работењето на комисијата, Македонија и нашите историчари беа под силен притисок и закани од бугарските политичари. Бугарскиот премиер Бојко Борисов во текот на последната посета на Македонија, не заборави да каже дека прашањето за македонскиот национален херој и револуционер Гоце Делчев мора да се реши до октомври, меѓутоа не кажа дали бугарската влада ќе преземе конкретни мерки против Македонија, доколку заедничката комисија не донесе одлука.
– Комисиите треба да седнат и да разберат дека имаат историска задача и да останат во историјата и до октомври да ги завршат тие теми. Јас се однесувам како што ќе ми кажат историчарите, инаку ќе бидам обвинет дека продавам или дека сум ја предал историјата на Бугарија. Јас исто така имам граница што можам да си ја дозволам. И цело време знам дека по секоја цена комисиите треба да најдат прифатливо решение, зашто тоа ќе биде исклучително добро за иднината, за младите и за перспективите, а темата не треба да се остави за по октомври, комисиите треба да работат секојдневно, треба да постигнат компромис – порача Борисов.
Ако внимателно се анализира, бугарската страна под компромис подразбира дека Гоце Делчев бил Бугарин што се борел за слободата на Македонија. Бугарија преку работата на македонско-бугарската комисија се обидува да ги наметне своите погледи за историјата, односно дека македонската нација е вештачка творба на Коминтерната и Тито, искажување што многупати досега сме го слушнале од бугарските политичари и историчари. Со само тоа, се гледа од т.н. компромис за кој се залага бугарската страна, имено македонските револуционери имаат бугарско потекло, но се борат за слободата на Македонија, меѓутоа многу е јасно дека под слободата на Македонија, бугарската страна подразбира присоединување на Македонија кон Бугарија. На овој начин, не се постигнува компромис, туку од македонската страна се бара да се откаже од своето историско наследство, оттука националното конституирање на Македонците не започнува во почетокот на 19 век, туку македонската нација е творба на процес по 1944 година, што е далеку од вистината.
Бугарската страна иако постојано се повикува дека треба да се однесуваме сериозно кон историските факти и документација, всушност од македонските историчари (односно од македонската држава) бара во учебниците по историја да пишува дека Гоце Делчев и другите македонски револуционери биле Бугари.
Меѓутоа, историските факти и сведоштва ја негираат бугарската теза за основите на македонското ослободително движење. За што всушност се борел Гоце Делчев? И како тој гледал на македонското население? Одговорот на ова прашање го дава самиот Гоце Делчев во своето писмо испратено до Ефрем Каранов во 1895 година. Неговото писмо е објавено во зборникот „Илинден“ во 1926 година од страна на македонското студентско друштво „Вардар“. Од писмото дознаваме дека Гоце Делчев ослободувањето на Македонија го гледа во едно внатрешно востание, и дека оној што мисли поинаку се лаже себеси и другите. Гоце Делчев многу јасно ја искажува својата цел за решавање на македонското прашање, тој пишува за „слободна државичка“. Според Делчев, ослободувањето лежи врз плеќите на самиот народ, односно народот треба да се разбуди од петвековниот длабок сон, кој го направил Македонецот доста дебел во сознанието за човечки правдини.
На следната средба, во согласност со принципот за постоење простор и основа за наоѓање заедничко разбирање, ако се „однесуваме сериозно кон историските факти и документација“, почитувајќи ја позицијата на другиот, бугарската страна во комисијата мора да го земе предвид овој документ, како и многуте други. Во спротивно, не може да се постигне компромис.
Подготвил: Далибор Станковиќ