Претседателот Стево Пендаровски, по повод 23 Mај, Националниот ден на Власите, упати честитка до сите припадници на Влашката заедница во Република Македонија.
– Ми претставува особена чест да ви го честитам 23 Мај, Националниот ден на Власите. На овој ден во 1905 султанот Абдул Хамид Втори го издаде декретот со кој во рамките на Отоманската Империја беа признаени националните права на Власите и се овозможи отворање на училишта на влашки јазик како значаен чекор кон зачувување на нивната етничка и културна самобитност – пишува во честитката на петседателот во делот посветен на историското значење на датумот.
Пендаровски потоа нагаласува дека по 115 години од овој чин, припадниците на влашката заедница во Република Македонија, го остваруваат правото на граѓанско и политичко организирање, уживајќи ги сите права како и останатите етнички заедници со што го зајакнуваат својот етнички, јазичен и културен идентитет.
– Нашата земја со право може да се гордее на придонесот на припадниците на влашката заедница во општествените текови и во сите сегменти на секојдневното живеење. Нашето мултиетничко и мултикултурно општество не е само резултат на законски одредби, стандарди и практики. Тоа е одраз на меѓусебното разбирање, заедништво и почит на сите наши граѓани. Нека ни е честит 23 Мај, Националниот ден на Власите! – посочува претседателот.