Папата Франциск, поглаварот на Римокатоличката црква, предвидено е да ја посети Македонија на 7 мај годинава. Тој ќе биде првиот папа што воопшто некогаш дошол во Македонија.
Според официјалниот протокол што го објави Светиот Престол на својата веб-страница, папата во главниот град Скопје ќе остане само 10 часа и ќе има набиена агенда.
Во Скопје ќе пристигне од Софија. Неговото слетување на скопскиот аеродром е предвидено за 8 часот и 15 минути наутро.
По официјалниот пречек на аеродромот заминува во вилата на претседателот Ѓорге Иванов на Водно, каде што ќе има и официјална церемонија за пречек во дворот на претседателската палата.
Сите средби папата Франциск со политичкиот, државниот и дипломатскиот кор ќе ги оствари во резиденцијата на предателот.
Следува средба со премиерот Зоран Заев во претседателската палата.
Потоа папата ќе има средба со претставници на државните институции, со претставници на граѓанското општество и со дипломатскиот кор во Мозаичната сала на претседателската палата.
Папата Франциск, најверојатно нема да има одделни средби со верските поглавари, туку при посетата на Спомен-куќата на Мајка Тереза ќе оствари средба и со нив.
Следува прошетка низ центарот на Скопје.
Главниот настан ќе се случува на градскиот плоштад. Таму папата Франциск ќе ја отслужи првата историска миса во Македонија.
Според програмата што е објавена, Ватикан не прецизира детали што и како ќе се случува за време на мисата, но се очекуваат голем број гости од Македонија и од земјите на регионот.
Програмата засега не предвидува изјава на папата за медиумите, но иако не е потврдено сосема е извесно дека по завршувањето на мисата тој ќе има обраќање од градскиот плоштад со клучните пораки поврзани со мирот и со Македонија.
Интересно е за обележување дека во протоколот е предвидена екуменска и меѓурелигиска средба со младите од Македонија.
Папата Франциск ќе ја посети и катедралната црква на Католиците, „Пресвето срце Исусово“, каде што ќе има средба со верниците на Католичката црква.
Поглаварот на Римокатоличката црква ќе ја напушти Македонија од скопскиот аеродром во 18 часот и 30 минути.
Ватиканската палата го објави и логото за посетата на Македонија, кое е напишано на македонски јазик и на него пишува: „Не бој се мало стадо“, папата Франциск во Македонија, 7, мај 2019 година.