Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија достојно го пречека папата Франциск, поглаварот на Католичката црква, при неговата прва историска посета на нашата земја. Целиот протокол за предвидени посети помина во совршен ред, со присуство на голем број верници од соседството и од регионот. Иако папата беше само десет часа во Македонија, покажа задоволство и радост кон земјата. Замина задоволен, порачувајќи дека Македонија е мост меѓу Истокот и Западот.

Претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев го пречекаа папата на скопскиот аеродром, а потоа и на официјалниот пречек во претседателската резиденција на Водно. Таму, покрај претседателот во заминување и премиерот, беа присутни Стево Пендаровски, претседателот што треба да стапи на функција, и претставници на Владата и на Католичката црква во Македонија. Практично, со посетата на папата, претседателот Иванов го завршува својот мандат како шеф на државата. Папата имаше одделни средби со претседателот Иванов и премиерот Заев, на кои присуствуваа и членовите на нивните семејства.
Папата Франциск потоа се обрати пред присутните гости од државните институции на нашата земја, пред претставнициte на дипломатскиот кор и пред претставниците на граѓанското општество и медиумите.

– Вашата земја е мост помеѓу Истокот и Западот и место каде што се слеваат многу културни струи, каде што се обединуваат многуте карактеристики на овој регион. Со историските сведоштва од нејзиното византиско и отоманско минато, со монументалните тврдини низ планините и прекрасните иконостаси во старите цркви, кои ја докажуваат христијанската присутност од времето на апостолите, се изразува нејзината богата илјадалетна култура што ја наследила. Но дозволете ми да кажам дека ова културно богатство е само огледало на вашето најценето и најважно наследство: мултиетничкиот и мултирелигискиот состав на ликот на вашиот народ, плод на богатата историја, и комплексните односи низ минатите години – истакна папата Франциск.

Во своето обраќање папата Франциск ги истакна солидарноста и хуманоста со бегалската трагедија што ги покажаа граѓаните и надлежните хуманитарни организации во Република Северна Македонија и се задржа на мисијата на светата Мајка Тереза, која како наша сограѓанка ја прошири својата мисија за помош на запоставените, на отфрлените и најсиромашните токму од Скопје.

– Ве охрабрувам да го следите верно почнатиот пат и да ја направите вашата земја светилник на мирот, гостопримството и интеграција што ќе роди плодови помеѓу културите, религиите и народите. Тргнувајќи од соодветните идентитети и динамиката на нивниот културен и цивилен живот, тие ќе можат да изградат заедничка иднина, учејќи се од богатствата што секој од нив ги носи со себе. Бог да ве пази и да ја благослови Северна Македонија, да ја зачува хармонијата и да даде просперитет и радост – порача светиот отец, папата Франциск.

Фото: Игор Бансколиев

Средба со претставниците на верските заедници

Папата се сретна и со претставниците на петте верски заедници што се вклучени во Уставот на државата во спомен-куќата на Мајка Тереза, како и со сиромашни луѓе и со оние што им припаѓаат на ранливите категории на граѓани.
На средбата присуствувале г.г. Стефан, поглавар на Македонската православна црква-ОА, и Сулејман Реџепи, поглавар на Исламската верска заедница, како и претставникот на Евангелско-методистичката црква во Македонија и на Еврејската заедница во Македонија. Заедничката средба беше недостапна за медиумите и засега останува нејасно какви пораки биле упатени од папата до поглаварите на верските заедници.


Иванов: Македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања

Претседателот Ѓорге Иванов, пак, ги повика граѓаните, без разлика дали припаѓаат на православната, католичката или протестантската гранка на христијанството, независно дали се муслимани, Евреи или атеисти, да ја препознаат симболиката на оваа посета на папата Франциск, поглаварот на Католичката црква, и преку понизност и простување, помирување и сплотување, преку одговорност и почитување да се вклучат во духовната обнова на Македонија пред да биде предоцна.
– Вие се наведнувате да им ги измиете нозете на болните и сиромашните, на затворениците и бегалците, на гладните и жедните, на отфрлените и маргинализираните, независно дали се христијани, муслимани, Евреи, Индуси, будисти, атеисти… Верувам дека вашите дела не се уште еден истрошен симбол. Напротив. Вие нѐ потсетувате дека иако нашата човечка љубов кон бога и кон луѓето е променлива, божјата љубов и верност кон нас луѓето е трајна -рече Иванов.
Според него, папата доаѓа во Македонија во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања и изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница.
– Децениската блокада на нашиот европски пат доведе до политички и морални кризи, кои го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајните вредности. Црквата и џамијата служат за злоупотреби како граничници, тврдини за маркирање и бранење замислени територии, како да се заборава дека сите ние сме луѓе без разлика на нашата вера – посочи претседателот Иванов.
Тој на папата Франциск му подарил резбан албум со авторски фотографии од христијанското културно-историско наследство на Македонија.


Заев: Ватикан, Европа и целиот свет ги препознаа вредностите на нашата држава

Според премиерот Зоран Заев, посетата на првиот човек на Католичката црква и на ватиканската држава, папата Франциск, како прва, историска посета на еден папа на нашата земја, е огромно признание за местото што Република Северна Македонија го зазема во глобалната заедница на прогресивните земји.
– Ватикан, Европа и целиот свет ги препознаа вредностите, убавината на различните култури, етнички заедници и религии што живеат во општество еднакво за сите. Покажавме дека имаме капацитети да ги направиме сите подготовки за да дочекаме еден од најзначајните светски лидери, духовник и инспирација на милиони верници и граѓани со добра волја. Нашиот народ ја има волјата и ја следи мисијата на Мајка Тереза, и тоа го потврдивме и на овој настан – истакна премиерот Заев.


Интересни факти за посетата

Околу 250 домашни и повеќе од 100 странски медиуми вчера ја следеа и ја пренесува историската посета на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск на нашата држава.

Централната миса на плоштадот „Македонија“ ја слеадеа околу 15 илјади граѓани од земјава, но и високи гости, верници и странски државјани, пред сѐ од поширокото соседство.

На плоштадот беа голем број македонски политичари, претставници од власта и од опозицијата.

Папа во земјава пристигна со 30-члена висока делегација од Ватикан.

За 1 час пред посетата беа подигнати 200 карти од Католичката црква наменети за посетата.

Папата се задржа околу 10 часа во Македонија.

Осумдесет лица, волонтери од Црвен крст, беа дел од стручната служба за пречек на папата.

Франциск е 266-от папа на Римокатоличката црква.

Илјадници полицајци и неколку хеликоптери на МВР, но и беспилотни летала, беа ангажирани за сигурноста на папата во Скопје.

На свечениот ручек организиран во чест на папата се служеа најквалитетните вина на винарницата „Стоби“.

Претседателот Ѓорге Иванов на Франциск му подари резбан албум со авторски фотографии од христијанското културно-историско наследство на Македонија.

Вчера во Скопје имаше бесплатен јавен градски и железнички превоз како и бесплатен паркинг.


Не гледа ТВ, но е меѓу највлијателните светски водачи на Твитер

Папата Франциск течно зборува италијански, германски и шпански, а се снаоѓа со англиски, француски и португалски. Студирал филозофија и дипломирал хемиска технологија. Пред да стане надбискуп на Буенос Аирес предавал книжевност, психологија, филозофија и теологија. Во 1986 година во Франкфурт одбранил докторат по теологија.
– Папата Франциск е првиот папа што не е од Европа уште од Гргур Трети, кој бил роден на подрачјето на денешна Сирија, а бил избран во 731 година. Тој, исто така, е прв папа од американскиот континент и прв папа роден во јужната хемисфера.
– Тој го држи рекордот од милион следбеници на Инстаграм собрани за најкраток рок (за помалку од 12 часа), а исто така е еден од највлијателните светски водачи на Твитер, каде што го следат над 45 милиони луѓе.
– Во младоста работел и како исфрлувач во ноќни клубови во Буенос Аирес за да заработи за стан и за храна.
– Папата Франциск уште во 1990 година се зарекол пред дева Марија дека засекогаш ќе престане да гледа телевизија и до денес не го прекршил заветот.
Тој е страстен навивач на локалниот аргентински фудбалски клуб Сан Лоренцо. Во младоста активно играл кошарка. Исто така поседува голема колекција од дресови од фудбалски клубови. Д.Ср.