Во Градскиот парк во Скопје (Школка), денеска ќе се одржи отворен ден на Армијата за граѓаните, организиран по повод „Неделата на НАТО“, 70 – годишнината од основањето на Алијансата и напредокот на Македонија кон членство во НАТО, јавува МИА.
На отворениот ден, на кој ќе присуствуваат министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на генералштабот Васко Ѓурчиновски, припадниците на Полкот за специјални операции, пред граѓаните ќе прикажат дел од своите боречки вештини, гардистите ќе се претстават со точката Егзерцир, а воениот оркестар ќе изведе неколку композиции. Своите вештини ќе ги претстават и припадниците на Единицата за специјални задачи на МВР, а хеликоптер на Армијата ќе изврши прелет над градскиот парк. Настап ќе имаат и децата од здружението „Трисомија 21“.
Во рамки на настанот, ќе бидат прогласени трите најдобри есеи на тема „НАТО и ТИ“, кои ќе бидат наградени со студиско патување во седиштето на Алијансата, во Брисел. Прогласени ќе бидат и победниците во вчерашната НАТО – Атлетска трка во три и пет километри. Првите три места од трките на пет и на три километри кои ќе бидат наградени со учество на меѓународен маратон.
На посебни штандови, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ ќе ги претстави своите програми и можностите за студирање на Академијата, а граѓаните ќе можат да земат примерок од магазинот на Министерството за одбрана, „Штит“.