Граѓаните кои имат итна потреба од пасош треба да поднесат барање за ургенција заедно со барањето за пасош. Комисија од Министерството за внатрешни работи ќе ги разгледува барањата и ќе им излезе во пресрет на сите кај кои ќе биде утврдено дека итно им треба пасош. Предност ќе имаат лицата кои мора да патуваат од здравствени причини.
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев денес извести дека на располагање имаат 3.400 пасоши кои ќе се издаваат само на ургентните случаи се до 24 март кога очекуваат да пристигнат 100.000 нови обрасци за пасоши.
– Во отсуство на политичка волја кај Владата, јас на ниво на Министерство за внатрешни работи формирав комисија. Во комисијата имаме вклучено и медицинско лице – доктор и приоритет за решавање на барањата ќе имаат оние лица коишто имаат ургентни медицински потреби. Ги повикувам граѓаните сите ургентни барања за издавање на патни исправи да ги доставуваат до подрачните единици на Министерството за внатрешни работи, одделенијата за управни работи. Комисијата ќе ги разгледа веднаш, следниот ден откако ќе бидат поднесени. За оние граѓани за коишто претходно не аплицирале, а за кои ќе се утврди дека имаат ургентни барања МВР ќе им излезе во пресрет со тоа што истите ќе аплицираат како по редовна постапка, односно нема да им бидат наплатени дополнителни финансиски средства – рече министерот Чулев.
Тој уште еднаш повтори дека проблемот го направил неговиот претходник Оливер Спасовски кој не ги испланирал потребите на граѓаните и не обезбедил доволен број патни исправи. Апелираше Владата да најде начин да го пролонгира важењето на истечените пасоши шест месеци од денот кога ќе пристигнат новите патни исправи.
– Владата има модалитети како да го реши овој проблем, отсуствува политичка волја. Пак ја користам оваа прилика да ја повика Владата во интерес на граѓаните да седнеме и да го решиме проблемот којшто е веќе на ниво на држава и алармантен – повика Чулев.
Иако МВР размислуваше да забрани поднесување барања во редовна постапка поради недостигот на обрасци, министерот денес рече дека одлучиле да го гасат системот. Граѓаните во редовна постапката можат да поднесуваат барања и да се сликаат и покрај тоа што новите обрасци се очекуваат на 24 март.