Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кој е во работна посета на Брисел, ќе ги пречека 12-те студенти од шесте државни универзитети, кои изутринава ја почнуваат својата тридневна студиска посета на европската престолнина Брисел заедно со делегацијата на Секретаријатот за европски прашања.
Вицепремиерот Османи заедно со амбасадорката Агнеза Руси ќе ги воведе студентите во работата на Мисијата на Република Северна Македонија во Брисел, кои на ова едукативно патување тргнаа кога нивните есеи беа избрани како најдобри на конкурсот на Секретаријатот со наслов „Со европско знаење до европската престолнина“.
Во рамките на посетата студентите ќе ги посетат Европскиот парламент, Советот на Европската Унија, Домот на европската историја, Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија (ДГ НЕАР), Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС), Генералниот директорат за образование и култура и Постојаната мисија на РСМ при ЕУ, при што ќе имаат средби со Дејвид Кулен, раководител на одделението за Република Северна Македонија и Косово при ДГ НЕАР, со Сесил Абадие од ЕЕАС, задолжен за Република Северна Македонија, и координаторот на објаснувачките состаноци за преставување на европското законодавство за земјава, Марк Јорна. Покрај презентациите за функционирањето на овие институции, студентите одблизу ќе се запознаат и со можностите што ги нуди европската програма за едукација и обука „Еразмус плус“.
Целта на проектот „Со европско знаење до европската престолнина“ е да се доближат процесите, атмосферата и активностите поврзани за европските интеграции и работа на СЕП во Брисел до потенцијалите на земјата – студентите, кои во иднина треба да го преземат на себе процесот на европска трансформација на Република Северна Македонија.