Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес имаше видео обраќање на 37-та Министерската конференција на Франкофонијата, на која што ја изрази својата целосна поддршка за трансформација на Франкофонијата, насочена кон поефикасно функционирање, засновано врз транспарентност, агилност и строгост.
– Ја потврдувам нашата цврста осуда за терористичките акти и насилниот екстремизам, без оглед на мотивите и изразувам целосна солидарност со земјите-членки и Владите на Франкофонијата, кои беа погодени од овие варварски акти – истакна Османи, додавајќи дека кризата на Ковид-19 ги истакна тешкотиите во спроведувањето на образованиот систем со што се открива итна потреба за донесување на решение за намалување на дигиталниот јаз.
Османи истакна дека Франкофонијата е додадена вредност во мултикултурниот мозаик на Република Северна Македонија.
– Културното влијание на францускиот јазик има долга традиција која континуирано се ажурира, со активности во рамките на Франкофонијата, а покрај тоа, ја потврдувам важноста на придонесот на Франкофонијата за унапредување на правата на жените и суштинската улога што ја имаат во политичкиот, економскиот, културниот и социјалниот живот на сите држави и Влади во организацијата, кои беа тешко погодени од кризата“, нагласи Османи, посочувајќи дека Северна Македонија ја потврдува заложбата за промовирање на францускиот јазик и повеќејазичност во контекст на оваа криза. Република Северна Македонија го поздравува основањето на Франкофонска алијанса за образование во корист на францускиот јазик во рамките на меѓународните организации.