Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на неговиот Фејсбук профил информира дека формирал работна група во рамки на Министерството за надворешни работи што ќе има за задача да работи на укинување на визи за државјани на Македонија за влез во САД.
– Процесот за укинување визи за нашите државјани за влез во САД е долгорочен и комплексен процес, но со оглед на нашите заложби за зајакнување на постоечкото сојузништво, создадени се условите да го започнеме овој процес. Најголема потврда за тоа е приклучувањето на нашата земја кон НАТО Алијансата, но и напредокот постигнат на полето на безбедноста, како надополнување на нашето стратешко партнерство со САД – пишува Османи.
Според него, успешното завршување на овој процес налага како што вели, долгорочна и посветена работа, а постигнувањето на оваа цел ќе биде од бенефит за државјаните на двете пријателски земји. Дополнително, додава Османи, тоа ќе создаде значителен позитивен ефект на економската соработка, демократскиот просперитет и развој, но смета дека и генерално ќе има позитивно влијание врз целиот регион.
Ваквиот чекор, како што оценува првиот човек во дипломатијата, е уште една потврда за посветеноста на Република Северна Македонија за градење стабилни билатерални односи со САД и зајакнување на нашето стратешко партнерство.