Односите меѓу Бугарија и Македонија во моментот се на најниско ниво, оцени министерот за надворешни работи во интервју за бугарската Нова ТВ.
Според министерот, сепак, оптимизам влева фактот дека во Бугарија веќе е формирана Влада дека властите од двете земјни можат да седнат и да разговараат за сите прашања.
– Првите пораки даваат оптимизам, бидејќи токму тоа го кажавме и самите. Мора да има сеопфатен пристап. Историја – да, важно е, но ние секој ден пишуваме историја, создаваме историја – коментира Османи.
Министерот смета дека досега не е најдено решение, бидејќи во Бугарија немаше политички кабинет. Сега, вели Османи, навистина нема причина да се даваат долги рокови кога има политички кабинет. И во Бугарија и во Македонија има стабилно мнозинство и утре можеме да седнеме, да продолжиме со разговорите и во јануари да имаме одлука.
Тој смета дека шесте месеци за решавање на спорот, што ги најави бугарскиот премиер, Кирил Петков се многу долг период за нас, бидејќи не само што државата предолго го чека овој процес, туку и авторитетот на Европската унија во овој регион е исправен пред сериозен предизвик.
Во однос на различните ставови во однос на Македонија во бугарската Влада, Османи изјави дека ја следеле дебатата за формирањето на коалицијата, различните нијанси меѓу различните партии. Сепак, одговорноста е на владата во двете земји, вели Османи.
Во врска со бугарското барање јазикот да се вика официјален јазик на Македонија, Османи одговори дека јазикот треба да се вика – македонски јазик.
– Јазикот произлегува од правото на самоопределување во секоја земја. Тие ги препознаваат земјите, а не атрибутите што ги имаат тие земји. Затоа сметаме дека ова не е барање кое треба да биде спор или пречка на патот кон членство во ЕУ. Сметаме дека овој предлог на европското претседателство се однесува на тоа двете земји да имаат свои унилатерални позиции во ЕУ во однос на јазикот, а самата ЕУ да ги прифати двата става, за нас ова е решение на прашањето – рече Османи.