Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во Белград имаше средби со претседателот на Собранието, Ивица Дачиќ, и со премиерката Ана Брнабиќ.
Како што соопшти МНР, Османи на средбата со Брнабиќ ја пренел подготвеноста за реализација на Третата заедничка седница на двете Влади, како дополнителен позитивен импулс за натамошниот развој и интензивирање на односите и севкупната соработка меѓу двете земји.
– Убеден сум дека заедничката седница на Владата ќе претставува потврда на блиските односи, но и одлична можност да се интензивираат иницијативите за поголема соработка во економијата, инфраструктурата, енергетиката, како и сите останати аспекти кои ја детерминираат динамиката на односите меѓу двете земји – изјави за време на разговорите Османи.
Беше направен осврт и на политичките и економски односи и соработка, регионалната соработка и ЕУ-интеграциите.
На средбата со Дачиќ било разговарано за интензивирање на интер-парламентарната соработка, при што биле посочени бројни можности за унапредување на истата меѓу највисоките законодавни тела, преку конкретни и заеднички активности помеѓу групите за пријателство во парламентите на Северна Македонија и Србија.