Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, по покана на претседавачот со Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), министерот за надворешни работи на Турција, Мевљут Чавушоглу, утре ќе престојува во Анталија за да учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ПСЈИЕ.
Османи ќе има одвоена билатерална средба со домаќинот Мевљут Чавушоглу.
Шефот на дипломатијата, Османи, присуството во Анталија ќе го искористи да се сретне и со министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, што воедно ќе биде и прва средба по преземањето на нивните нови должности.
– Османи на состанокот ќе ги претстави националните мерки при справување со кризата предизвикана од пандемијата, можните начини за стратешка соработка и партнерства преку многуте регионални иницијативи, вклучително и Берлинскиот процес, со кој оваа година копретседаваат Северна Македонија и Бугарија – соопштија од МНР.
Министрите на состанокот ќе дискутираат на темата: „Начини на зацврстување на соработката во справување со пандемијата на ковид-19 и искуствата на земјите од ЈИЕ“. Фокус на министрите ќе биде да најдат начин за интензивирање на регионалната соработка во време кога Европа и светот се соочуваат со пандемијата предизвикана од Ковид-19, како и кон приоритетите за воспоставување поголема поврзаност на регионот, младината и нејзиното значење во општествата, дигитализацијата, културата и туризмот.