Поголем број одрони го забавија интензитетот на сообраќајот на патниот правец Делчево – Македонска Каменица – Кочани. Според информации на возачи кои утрово патуваа кон Скопје, забележителна била опасноста за возачите од големиот камен одрон што се наоѓа на коловозот од излезот на Каменица кон Кочани.
-Станува збор за поголем одрон составен од крупни камени карпи кои се наоѓаат на коловозот. Сообраќајот не е во застој, но минувањето е отежнато – велат возачите.
Екипи на Македонија пат во меѓувреме работат на отстранување на камената препрека при што на возачите им препорачуваат внимателно возење особено по излезот од Македонска Каменица.
Поради зголемената веројатност од нови одрони на патот, влажните коловози, можна појава на голомразица во осојните делови и делумно намалената видливост од АМСМ се препорачува почитување на сообраќајната сигнализација и поседување на задолжителната зимска опрема која е законска обврска за секој учесник во сообраќајот.