Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на работна група за поддршка на Преспанскиот регион Едмонд Адеми, денеска учествуваа на серијата настани по повод двегодишнината од потпишувањето на Договорот во Преспа, организирани од Општина Ресен, во соработка со НВО Преспа Град, кои се одржаа во село Љубојно и во близина граничниот премин во изградба Маркова Нога, на границата со Грција.
Министрите Димитров и Адеми зедоа учество и во панел дискусијата по повод иницијатива за основање на центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно.
Оваа иницијатива се покренува по повод две години од потпишувањето на Договорот од Преспа, како и во чест на 76 годишнината од основањето на второто училиште на мајчин, македонски јазик во Љубојно на 15 ноември 1944 година, само една година подоцна откако првото училиште беше основано во Дебарца и Подвис, уште за време на Втората светска војна во 1943 година.
На панел дискусијата по повод овие настани и иницијатива, учествуваа и проф. Д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, Д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Марјан Марковиќ, дописен член на МАНУ, проф. д-р Елизабета Бандиловска, професорка на Педагошкиот факултет во Скопје, Ацо Костов, директор на Управата за заштита на културното наследство, како и претседателот на СДСМ Зоран Заев како претседател на Владата на нашата земја кој на 17 јуни 2018, заедно со тогашниот премиер на Грција Алексис Ципрас, ги предводеа делегациите на Владите на двете земји на потпишувањето на спогодбата за решавање на разликите и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу Грција и Македонија, што ја потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.
Министерот Димитров на панел дискусијата истакна дека со потпишувањето на Конечната спогодба или попозната како Договорот од Преспа, воспоставивме ново стратешко партнерство со Грција и ги премостивме речиси три-децениските разлики како два соседи, пред сѐ во однос на името и нашите перспективи во евроатлантските и европските перспективи.
Дополнително, уште две главни придобивки произлегоа од овој историски договор со кој нашиот идентитет се заштитува и во правни рамки, а со тоа и нашата култура и културно наследство, како карактеристики на територијата на нашата земја, како и нашето право да се идентификуваме како Македонци, кои зборуваат македонски јазик којшто е темел на нашиот идентитет, самобитноста и автохтоноста на нацијата, неговата посебност.
Во таа насока Димитров ја поздрави иницијативата, и истакна дека е уверен дека основањето на Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во овој дел од нашата татковина само ќе придонесе за негова понатамошна промоција и афирмација, што ќе овозможи нови хоризонти во воспоставувањето културни врски.
Министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на работна група за поддршка на Преспанскиот регион Едмонд Адеми ја поздрави иницијативата за основање на центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште во Љубојно од аспект на проектот наменет за поддршка и развој на регионот на Преспа, со финансиска поддршка од Европската Унија.
– Во проектот се вклучени Владите на трите соседни држави, Северна Македонија, Албанија и Грција, и еден од проектите е изградба на мултимедијален центар за младите, кој соодветно на самата симболика на Преспа ќе биде место каде што би организирал меѓународен форум за дијалог и соработка. Пошироко проектот вклучува и многу други компоненти за развој на регионот, за поддршка за подобрување на квалитетот на животот особено во руралните средини на регионот, како и за проекти за водоснабдување и собирање на отпадни води околу Преспанското езеро со инфраструктура според правилата и стандардите на ЕУ за заштита на животната средина. Ако Словенија е позната по Бледскиот форум, Швајцарија по Давос, Германија по Минхенската конференција, Република Северна Македонија ќе биде препознатлива по Преспа Форум за дијалог – истакна министерот Едмонд Адеми.
Во однос на иницијативата за основање на центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во Љубојно, проф. Д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, потенцираше дека нејзината реализација ќе обезбеди уште едно место на кое ќе се собираат лингвисти, педагози и наставници и професори по македонски јазик и ќе доаѓаат ученици да се подучуваат и да научат работи на терен, со што ќе продолжи оддолжувањето на плејадата македонски дејци кои се вградија во историските процеси за признавање и афирмација на македонскиот јазик.
Д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, во своето обраќање на панел дискусијата, потенцираше дека Општина Ресен и Љубојно заедно со невладината организација „Преспа Град“, со својата постојана децениска грижа за македонскиот јазик, ја заслужуваат нашата поддршка и доверба дека новиот Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик е на вистинското место и кај вистинските луѓе.
– Преспа е револуционерна средина со европска мултиетничка визија. Верувам дека преку овој центар македонскиот јазик ќе биде јазикот што ги поврзува Македонците со другите граѓани од Република Северна Македонија, од Балканот и од светот – подвлечеЈованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик.
Во продолжение на дебатата за иницијатива за основање на центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно, по повод двегодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, проф. д-р Елизабета Бандиловска, професорка на Педагошкиот факултет во Скопје нагласи дека е голема возбудата да се биде на местото сведок на дел од македонската историја, на местото зачетник на школството и на воспитно-образовната врвица на генерации ученици, учители и просветители проникнати од пазувите на Преспа.
– Убаво е чувството да се стои на истото парче земја на која пред 76 години за првпат чекореле ученици кои за првпат учеле на мајчиниот, македонски јазик. Убава и ретка е привилегијата да се биде меѓу првите, меѓу меѓниците, меѓу оние што биле пример и патоказ за другите. Важноста и значењето на овие историски збиднувања за нас како народ, за нашата историја, наука и култура, за развојот на школскиот систем и за развојот на македонскиот јазик се огромни и непроценливи – потенцираше Бандиловска, професорка на Педагошкиот факултет во Скопје, на дебатата за иницијатива за основање на центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно, по повод двегодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа.