Министерот за надворешни работи Бујар Османи заедно со резидентниот координатор на Обединетите Нации во Македонија, Росана Дуџиакго го одржаа првиот заеднички управен комитет за спроведување на новата рамка за соработка за одржлив развој на Обединетите нации и националните институции за 2021 година.
На воведното обраќање, министерот Османи ги истакна модалитетите за најсоодветно искористување на поддршката што Македонија ја добива од системот на ОН, а во насока на реализирање на развојните приоритети.
– Тоа што сакаме да го постигнеме е промена што е одржлива, видлива за крајните корисници – нашите граѓани, што ќе резултира во подобра правна рамка и поефикасни и одговорни институции – истакна Османи.
На првиот состанок на Комитетот за 2021 година, беа разгледани националните приоритети во доменот на одржливиот развој, при што беа одобрени клучните документи за спроведување на рамката за соработка со ООН за 2021-2025 година.
Инаку,рамката за соработка за одржлив развој на Обединетите нации со Северна Македонија за периодот 2021-2025 е стратешка програмска рамка за активностите на ООН во нашата земја и претставува збир на активности на агенциите на системот на ООН за поддршка на земјата во адресирање на приоритетите и предизвиците кон постигнување на целите за одржлив развој.
Во својство на членови на Комитетот, на состанокот активно учествуваа и министерот за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, министерот за образование и наука, Мила Царовска, министерот за здравство, Венко Филипче и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.