По повод одбележување на 76 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во концетрациониот логор Треблинка, денес во Македонскиот народен театар се одржа комеморативен настан, по што беше отворена поставка во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје.

Премеирот Зоран Заев, на свеченоста пред присутните истакна дека антисемитизмот во светот сѐ уште не е поразен.

-Мораме да ја поразиме омразата. Да ја поразиме омразата пред таа да ја порази демократијата – изјави Заев кој воедно во својот говор го истакна и значењето на еврејската заедница во земјава.

Претседателката на Еврејската заедница Берта Романо Николиќ во својот говор направи паралела меѓу Македонците и Евреите посочувајќи дека се мали, но истрајни народи.

– Македонскиот и еврејскиот народ се мали по број, но истрајни заедно доживувајќи ја неповторливата големина на своето минато, страдајќи илјадници години заедно, но никогаш не ја изгубиле својата национална свест и својот дух – рече Романо-Николиќ.

Главниот извршен директор на Светскиот еврејски конгрес, Роберт Сингер, посочи дека во Македонија доаѓа по посетата на Бугарија и се радува на фактот дека и оваа земја конечно започнува да се соочува со ова трагично поглавје во својата историја и да ја препознава својата одговорност.

– Приказната за уништувањето и повторниот подем на македонското еврејство е навистина поттикнувачка и инспиративна, најмногу затоа што, за разлика од ситуацијата во многу делови на Европа, антисемитизмот речиси и да нема фатено корени тука – истакна Сингер.

Рабинот Ендрју Бејкер посочи дека дека обврска на секој од нас е да се сеќаваме.

– Пред седумдесет и шест години, бугарската жандармерија собра 7.144 македонски Евреи и ги одведе во смрт. Никој не се заложи да ги заштити и да ја спречи нивната администрација. Храбрите гласови од соседна Бугарија не дојдоа навреме и не беа доволно гласни за да помогнат – посочи Бејкер.

Министерот Зеев Елкин истакна дека обврска на секој од нас е ова никогаш повторно да не се случи.

– Оваа комеморација и сеќавање, и тоа не е случајно, исто така ги поврзува нашите две земји и два народи. Некои од малкуте македонски Евреи, кои успеале да го преживеат овој пекол, се најдоа на Земјата на Израел по војната и биле партнери во формирањето на еврејската држава – изјави во својот говор Елкин.

Во рамки на свечениот настан беше претставена и изложбата, која е дело на Мајкл Беренбаум. Оваа редовна поставка веќе може да се види во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје.

– Меморијалниот центар е споменик и паметник чија основна цел е едукација и промоција на Универзалната декларација за човекови права. Тие права не смеат да бидат поставени на недопирлив пиедестал, туку да бидат достапни за сите, за да создаваме општество во кое ќе се негува и унапредува соживотот и почитта меѓу луѓето, а со самото тоа да се бориме против сите видови дискриминацијата, антисемитизам, говор на омраза и ксенофобија – истакна Горан Садикаријо, главен извршен директор на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија.