За помалку од илјада денари граѓаните од јужниот дел на земјава, пред сѐ од Гевгелија, веќе масовно одат на еднодневно капење на Егејско Море, а најпосетувани места ова лето се Неа Флогита и Неа Каликратија.
Гевгеличани велат дека на овој начин имаат можност да не земаат класичен годишен одмор и да патуваат повеќепати во текот на летото. Им одговара тоа што можат сами да одлучат кои денови во текот на неделата ќе уживаат на море.
– Минатото лето бев околу 30 пати на различни места во Грција. Ова е поевтина варијанта, не морам да плаќам сместување во студио или апартман, а сепак имам можност да уживам во морската вода и сонцето. Работата не ми дозволува да земам класичен годишен одмор, па вака одам кога мене ми одговара – вели гевгеличанката Марија Атанасова.
Олеснување е тоа што кога се оди на еднодневно капење во текот на неделата, можат и да се избегнат вообичаените метежи што на границите се создаваат во текот на викендите, кога и најчесто се случуваат смените на туристите. Од Гевгелија до туристичките места во Грција се стигнува приближно за два часа, така што ако се појде во седум часот наутро, а се замине во 18 часот попладне, останува доволно време за морските уживања без преголеми трошоци.
Инаку, туристите коментираат дека цените на лежалките, храната и на пијалаците секое лето се сѐ повисоки. Оваа сезона гиро во Неа Флогита е три евра, „фанта“ и „кока-кола“ се по едно евро и 20 центи, а наем на лежалка со чадор е 3,5 евра по лице.