Министерството за здравство соопшти дека со Фондот за здравствено осигурување на Македонија овозможиле анализите за молекуларна дијагностика на наследни болести да бидат опфатени во листата на услуги покриена со средства на ФЗОМ.
Станува збор за седум услуги побарани од Медицинскиот факултет (одделите за патологија, патофиза, имунологија, судска медицина), како и од страна на Фармацевтскиот факултет и МАНУ.
-Со оваа новина овозможуваме рана и брза дијагностика на наследните болести и на малигните заболувања. На овој начин ќе помогнеме за рана детекција на болестите, што ќе значи и побрза реакција во поглед на методите на лекување. Порано за овие испитувања плаќаа самите пациенти, а отсега ќе плаќаат само партиципација за услугата. Овие испитувања се високоспецифични и секако за нивно спроведување треба да се има соодветен упат од клиниките, откако нема да може да се дојде до дијагноза со стандардните процедури, изјавил министерот за здравство Венко Филипче.
Методите НГС (Next Generation Sequences) се спроведуваат во МАНУ од 2012 година и со нив се овозможува дијагностика на голем број болести, вклучително и на ретките болести. Со нив таргетирано се секвенционира панел со 4.800 гени поврзани со ретките и со малигните болести.
-На овој начин ја намалуваме потребата за испраќање на пациентите во странство за дијагностика, а во исто време се забрзува времето на реакција кај пациентите, посочил Филипче.
Анализите кои ќе се финансираат од ФЗОМ досега ги чинеа пациентите од 45.000 денари до 100 илјади денари.