Објавен е Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти за сместување за студиската 2021/2022 година.
Согласно Конкурсот, за студентите се обезбедени 5.235 легла во државните студентски домови и други сместувачки објекти, од кои 1.249 легла се за студенти од прва година, а 3.986 легла се предвидени за студенти од втора, трета, четврта, петта и шеста година, како и апсолвенти.
– Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Северна Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години – соопшти Министерството за образование и наука.
Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во студентскиот дом.