Руските „Ноќни волци” ќе го реализираат меѓународниот мото-марш „Словенски свет” по десетти пат. Мото-маршот почна на 22 јуни, а ќе трае до 20 јули. За 22 дена, тие ќе поминат повеќе од 8.500 километри низ повеќе држави, Русија, Белорусија, Словачка, Словенија, Србија, Црна Гора, Македонија, Бугарија… со порака за добрососедски односи меѓу граѓаните на Европа. Во текот на својот пат тие ќе одржат прес-конференции, тематски семинари и форуми, со цел развивање на дијалог меѓу луѓето од различни националности, особено дијалог меѓу младите.
Покрај својата обединувачка идеја, проектот „Словенски свет” е насочен и кон популаризација на словенската историја, култура и писменост. Учесниците во мото-маршот ќе ги посетат и древните центри на словенската култура. Во сите етапи од овој проект учествуваат повеќе од 10.000 луѓе.
Едно од најзначајните места на маршутата е и Охрид, во рамките на чија посета, „Ноќните волци“ утре ќе одржат прес-конференција, во хотелот „ Нова Ривиера“ (11 часот).