Заборавена историја
Ноември е сведок на уште еден грозоморен колеж над македонските жители во селото Долгаец, Прилепско. Во зафрлените архиви, „Нова Македонија“ пронајде уште едно сведоштво за масовно убиство над македонското население, од страна на окупатори и узурпатори на македонската земја и огништа. Во документите за масакрот во селото Долгаец за време на Првата светска војна, се изнесени факти за еден мал дел од големата сложувалка од масовното долгодецениско физичко истребување и егзодус на Македонците од својата татковина, систематски спроведувани од оние што имале отворени претензии, кои, за жал, се препознаваат дури и денес, со други форми и методи
Во текот на Првата светска војна, бугарската окупаторска власт спроведува масовна ликвидација врз цивилното население во Македонија, а еден од таквите примери е и колежот во селото Долгаец. Во историската литература може да се сретнат две верзии за масакрот во Долгаец. Според едната верзија, десетина вооружени Бугари заедно со тројца Албанци влегле во селото, жителите не ја знаеле нивната намера и заедно со свештеникот излегле да ги пречекаат. Но Бугарите без објаснување го нападнале свештеникот и го заклале, а потоа ги ограбиле селаните и почнале да ги убиваат. Повеќето од убиените биле закопани во масовна гробница кај местото викано Брест. Според податокот на Јован Трифуноски, биле обесени и стрелани 180 луѓе.
Според втората верзија, во почетокот на ноември 1915 година, еден дел од жителите на Долгаец предводени од свештеникот јавно излегле, во интерес на избегнување инцидент и терор, за да изразат прифаќање на новата бугарска власт. Меѓутоа бугарските војници го нападнале свештеникот со бајонети и му ја отсекле главата со секира. По убиството на свештеникот, бугарските војници се нафрлиле и врз селаните. Во текот на теророт, по некоја случајност, останале живи неколку сведоци – Велика, која добила осум убоди од нож, Тројанка исто така целата избодена со кама и Велика, која бугарските војници ја обесиле за нозе.
По завршувањето на масакрот, телата на убиените биле запалени. Насилствата на бугарската армија врз цивилното население продолжиле и според податокот на тогашниот весник „Политика“ од 23 јуни 1929 година, во околината на Долгаец биле убиени 336 луѓе, а меѓу убиените имало жени и деца. Во селската црква „Св. Илија“ е зачуван документ со имињата на убиените селани.
Причините за ова крваво злосторство може да се најдат во дејствувањето на балканските националистички пропаганди во Македонија. Главна цел на бугарската, грчката и на српската пропаганда е придобивање на што повеќе приврзаници, кои би можеле да се искористат како оправдувачки фактор за шовинистичките претензии врз Македонија. До 1903 година, пропагандите главно дејствувале преку црквите и училиштата со намера да создадат бугарска, српска или грчка национална свест кај Македонците. Не случајно Џон Фостер Фрејзер забележува дека на Балканскиот Полуостров, народноста и јазикот немаат ништо заедничко со националноста.
Националноста се одредува според црквата на која ѝ припаѓаш, односно националната свест е резултат на црковно-просветите пропаганди. По Илинденското востание, доаѓа до промена на карактерот на пропагандите. Црковно-училишната пропаганда била заменета со вооружена, преку испраќање чети во Македонија, кои требало да ги заштитат и одбранат стекнатите позиции во Македонија, а потоа и да ги прошират. Со организирањето и навлегувањето на грчките и на српските чети во Македонија, започнува неофицијална граѓанска војна, која предизвикува дополнителна поделба и раздор на македонскиот народ.
Во 1900 година, селото Долгаец имало 680 жители и било под црковна јурисдикција на Бугарската егзархија. Но српската пропаганда успеала со различни методи да ги придобие жителите и да ги поттикне да се откажат од бугарската црква, така што, според српски податоци, од 1905 година „во селото живееле 480 Срби патријаршисти“. Имено, во првата деценија на 19 век, Долгаец е еден од центрите на српската вооружена пропаганда во Македонија. Ваквото влијание над македонското население генерирало асимилација и денационализација на самите Македонци и локални жители со активно поттикнување внатреетничка сегрегација со братоубиствени склоности.
На пример, српскиот војвода Григор Соколов од македонско потекло, успева да го придобие Јован Цветков-Долгачо, член на ВМРО. Јован Долгачо по преминувањето на српска страна го убива својот брат Змејко, затоа што бил војвода на ВМРО.
Поради отворената соработката на селаните со српската пропаганда, Долгаец станало познато како србоманско, односно како што го нарекувале Бугарите – „српско село“. Нападот од 1915 година е одмазда на бугарската војска врз жителите на Долгаец поради тоа што во минатото ја прифатиле српската асимилација во овој дел на Македонија.