Повисок данок за оние граѓани што ќе увезат половно возило со пониски еколошки стандарди, предвидува новиот закон за данок на моторни возила, кој би требало да стапи во сила по Нова година.
Новиот закон, кој се очекува да биде изгласан од пратениците во Собранието до крајот на годината, предвидува наместо акциза да се плаќа данок, чија висина ќе зависи од годината на производство на возилото, неговата набавна цена и од тоа колкава емисија на јаглерод диоксид испушта во околината, поточно колку ја загадува околината.
Намерата на државата е преку повисоки даноци да го намали загадувањето предизвикано од половните автомобили, иако многумина не се согласуваат дека тоа е вистинското решение.
– Со новиот закон за даноци на моторните возила дефинитивно се водиме од еколошките параметри, логично е дека тоа мора и треба да го правиме. Секако, преминуваме на едно повисоко ниво на еколошка заштита и во делот на увозот и во делот на купопродажбата на моторните возила. Ако досега стапките биле до 18 проценти, сега ќе бидат до 20 проценти. Во делот на даноците нема големо покачување на даноците, но има демотивација за купување стари возила во согласност со лошите еколошки стандарди – порача премиерот Зоран Заев, појаснувајќи ја потребата од носењето на овој закон.
Но од друга страна, со ваквите решенија се незадоволни и трговците со половни автомобили, но и увозниците на нови возила, кои сметаат дека крајната цена ќе ја платат граѓаните.
– Новиот закон за поголемо оданочување на половните возила ќе се одрази негативно врз нашето работење, а цената ќе ја плати народот. Имаме највисоки давачки за увезени половни автомобили од целиот регион и очигледно и тоа не е доволно – вели трговец со половни автомобили.
Според него, куповната моќ на нашите граѓани е слаба и затоа повеќето се одлучуваат за половни автомобили, но сега и тоа им се ускратува.
– Секој човек сака да си купи нов автомобил, но со овие наши плати тоа е тешко. Затоа и се оди на купување половен автомобил некаде до 2.000 евра. Сега со новиот данок ќе се покачи цената и на оние половни автомобили што најмногу беа купувани од обичните граѓани – додава трговецот.
Тој нагласува дека целата работа е во интерес на некои моќници.
– Тоа го прават некои моќници, а најтрагично е што секогаш цената ја плаќа обичниот човек – вели трговецот со половни автомобили, кој посака да остане анонимен.
Увозниците на нови возила сметаат дека државата воопшто не води грижа за состојбите во автомобилската индустрија, туку е заинтересирана само како да извлече повеќе пари.
– Ова што сега кај нас се нуди како нов закон е всушност некое решение делумно препишано од хрватски закон. Сега нема да има акциза, туку данок. Но проблем е што многу работи се кријат, како тоа кој ќе биде коефициентот врз чија основа ќе се пресметува данокот, кои ќе бидат граничните вредности на издувните гасови и како ќе се пресметува тоа. Сето тоа се држи во тајност и тоа не е во ред – велат од еден салон за продажба на нови возила.
Оттаму додаваат дека државата дозволува увоз на возила со еуро 5 стандарди, но никој не врши контрола дали тоа возило е исправно.
– Во Европа сите возила што се половни и дизел имаат многу поголеми давачки од преостанатите. Покрај тоа, во некои градови почна и да им се забранува да сообраќаат во централните градски подрачја. Кај нас никој не ја контролира исправноста на тие половни возила што се увезуваат. Добар дел од нив се со неисправен катализатор, без оглед што се еуро 5, така што и таквите возила повторно енормно загадуваат. Државата е заинтересирана само да собира пари и затоа носи вакви закони – велат некои од увозниците на нови возила.
Како и да е, неоспорен факт е дека дизел-возилата предизвикуваат големо загадување на воздухот, така што во време кога Европа гледа да се ослободи од нив и да ги замени со еколошки превозни средства, кај нас сè уште се омилени и продолжуваат да се увезуваат, а државата сето тоа и законски го регулира. Повисокиот данок тешко ќе ги промени старите навики.