Според Институтот за јавно здравје, епидемијата не може да биде одјавена уште најмалку еден месец, зашто пред две недели е регистриран нов случај
Ќе ја дочека ли Македонија Нова година со епидемија на морбили, која за територијата на Скопје беше прогласена во јануари, а за територијата на цела држава во април годинава? Законските одредби предвидуваат дека одлуката за важност на прогласувањето епидемија може да биде укината ако поминат повеќе од 42 дена од последниот регистриран случај. Иако бројот на заразени последните месеци е драстично опаднат, сепак сѐ уште има нови случаи. Последниот е регистриран пред две недели, но никој не може да предвиди дали во следниот период ќе има други заболени.
Според Институтот за јавно здравје, епидемијата не може да биде одјавена уште најмалку еден месец, зашто пред две недели е регистриран нов случај и од тогаш не треба да има новозаболени следните 42 дена. Од 11 октомври до 18 октомври годинава не се регистрирани нови случаи со мали сипаници. Сѐ уште е во тек епидемија на мали сипаници на целата територија на државава. Вкупниот број регистрирани случаи изнесува 1.900, со стапка на заболување од 91,8 на 100.000 жители, се наведува во извештајот што на својата веб-страница го објави Институтот за јавно здравје. Според резултатите од примероците испратени во референтната лабораторија за мали сипаници во Луксембург, циркулира генотипот Б3 дублин, кој е присутен и во соседните држави.
Во 41-та недела во државава се вакцинирани 610 деца (од предучилишна и училишна возраст). Вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП-вакцина од почетокот на епидемијата изнесува 41.623 (во вкупниот број на вакцинирани се вклучени и пропуштените и редовно вакцинираните деца со МРП-вакцина).
Од почетокот на епидемијата, досега, во центрите за јавно здравје дополнително се аплицирани 6.291 доза од вакцините, од нив повеќе од 60 отсто се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, а другите се лица на возраст над 14 години, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Остануваат во сила претходно препорачаните мерки и активности, кои ги преземаат Центрите за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство, ДСЗИ и вакциналните служби во пунктовите за вакцинација, со посебен акцент за вакцинација на сите чувствителни лица, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Околу 200 деца не се запишани во училиште
Според просветните инспектори, околу 200 првачиња не се запишани во училиште, зашто не биле вакцинирани. Иако законот важи многу одамна, не се почитуваше забраната за упис на првачиња без примени вакцини, но се актуализираше поради епидемијата на морбили, која сѐ уште е активна во целата држава. Министерот за образование Арбер Адеми изјави дека бројот на децата што не следат настава зашто немале уреден вакцинален картон можеби е и поголема, но решение за незапишаните ќе се бара на владина седница. Вели дека се разгледуваат сите можни опции, и тие околу законскиот аспект, но и околу бројот на незапишани на национално ниво.