Со новата социјална реформа четиричлено семејство, со две деца што одат во училиште, сега ќе зема месечен надоместок од 10.600 денари
Пријавувањето на лицата во социјален ризик во центрите за социјални работи за добивање нови надоместоци предвидени со социјалната реформа ќе започне од среда и, како што најави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, помошта за овие категории граѓани ќе се зголеми за 300 отсто, а исплатата ќе започне од следниот месец.
– Среќна сум што ја почнавме социјалната реформа со која на околу 30 илјади домаќинства им помагаме да излезат од сиромаштија. Ги унапредуваме правата на лицата со попречености и нивните семејства и работиме на намалување на детската сиромаштија со поправедна распределба на средствата. Со оваа реформа целосно го преобразуваме општеството, гарантираме достоинствен живот за најранливите и активирање на пазарот на трудот на работоспособните.
Нашата крајна цел е секој од нив да најде работа, бидејќи само со вработување се излегува од сиромаштија – изјави Царовска на вчерашната прес-конференција.
Повикот се однесува на сите што досега примале социјална помош, домаќинствата со деца што се со една минимална плата, невработени родители што чувале деца со попреченост, а се над 62 години за жена и 64 години за маж, и лица над 65 години што не оствариле право на старосна пензија, поради тоа што немаат доволно години стаж, вклучувајќи ги и тие без ден работен стаж.
Според објаснувањето на Царовска, со новата социјална реформа четиричлено семејство, со две деца што одат во училиште, сега ќе зема месечен надоместок од 10.600 денари.
– Ова е семеен пакет што ги содржи правата од гарантиран минимален приход, детскиот и образовниот додаток и енергетскиот додаток. Истото семејство сега најчесто земаше социјална помош од околу 3.000 денари – појасни министерката за труд и социјална политика.
Таа уште додаде дека со социјалната реформа, односно со Законот за детска заштита, правото за користење на детскиот и образовниот додаток се проширува и врз семејствата со минимални месечни примања.
– Со тоа, за 20 пати се зголемува бројот на децата што може да ги примаат овие надоместоци – рече Царовска.
Новата реформа, како што истакна министерката за труд и социјална политика, првпат во државата овозможува воведување социјална сигурност за стари лица, при што сега месечниот надоместок ќе изнесува 6.000 денари и се очекува да го користат околу 6.000 лица што не оствариле право на старосна пензија. За домаќинствата каде што и мажот и жената ги исполнуваат условите за користење социјална сигурност, надоместокот ќе го користи само еден член бидејќи станува збор за социјална мерка, а не на право поврзано со пензискиот систем.
– За лицата со попреченост и за нивните семејства со реформата се развиваат неколку нови услуги. Една од нив е одмена на семејна грижа, која ќе обезбедува краткотрајно згрижување зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството, кои се грижат за лица со попреченост. Новина во законот е тоа што правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител што чува дете со попреченост се зголемува до 50 отсто од просечна нето-плата. Се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост, услугите „Лична асистенција“ и „Домашна нега“ – истакна министерката Царовска.