Студија подготвена од домашни и странски експерти која се однесува на подготовка на Предлог Закон за потекло на имот, денеска беше презентирана пред вицепремиерот задолжен за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски, од страна на меѓународни експерти од Советот на Европа.
Преку вакво законско решение, ќе треба да се докажува на кој начин е стекнат имотот и капиталот, во случај кога постои сомневање дека се надминати редовните оданочени приходи.
– На наша иницијатива, а со експертска и техничка помош од Советот на Европа, е подготвена физибилити студија. Очекуваме со овој закон да се надминат и досегашните пречки за проверка на имотот на актуелните функционери и оние фунцкионери на коишто им истекол мандатот – нагласи вицепремиерот.
Според Николовски, со Законот за потекло на имот, за прв пат ќе се воведе контрола на капиталот, со што се отвара патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот и се спречува незаконско богатење врз грбот на граѓаните.
– За првпат носиме ваква храбра одлука, за спроведување на системски реформи, за создавање на функционален систем, со транспарентни институции во служба на граѓаните – рече вицепремиерот.
Подготвената студија, содржи компаративна анализа на меѓународни искуства за проверка на потеклото на имот и капитал, анализа на домашната правна рамка и досегашни искуства, детектирани слабости во институционалниот систем и идни насоки за креирање на новото законско решение.
Веќе е формирана работна група во чиј состав се домашни и меѓународни експерти кои започнуваат со подготовка на законските одредби.