Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври.
– Почитувани граѓани, во свое и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ви го честитам 11 октомври – Денот на народното востание.
На овој ден, во 1941 година нашите славни предци ја поведоа сенародната битка за слобода, за еднаквост и правда. Подоцна, преку АСНОМ ги поставија и темелите на македонската државност.
11 октомври е симбол за стремежот на нашиот народ кон слобода, едваквост и правда.
Денес, ги живееме овие вредности во слободна, демократска, европска држава, членка на најмоќниот воен сојуз во светот – НАТО. И она што е најважно, имаме призната држава од целиот свет.
За Македонците, особено е важно тоа што го обезбедивме македонскиот идентитет и македонскиот јазик, впишан во личната карта во ОН, признаен од светот.
Аманетот на нашите предци го исполнивме. Создадовме македонска држава на еднакви граѓани, признаена од целиот свет, со сигурна и стабилна иднина.
Денес, граѓани од сите националности, сплотено и посветено даваат свој придонес во градењето едно општество за сите, држава партнер на демократскиот свет.
Тоа е патот по кој ќе продолжиме. Патот на вистинскиот патриотизам кој носи подобар живот за сите граѓани. Патот на ред, правда и дисциплина! Патот на слободата, демократијата и европските вредности.
Заедно со граѓаните СДСМ продолжува да ги реализира стратешките интереси за развој, напредок и целосна интеграција на нашата држава во големото европско семејство – ЕУ.
Продолжуваме уште повеќе и уште подобро по вистинскиот пат – се наведува во честитката.