По повод 9 Мај, Денот на Европа, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, амбасадорот Дејвид Гир денеска ја посетија канцеларијата на Еко Пошта корисник на проектот ЕУзаОтпорност.
– На Денот на Европа, повторно зборуваме за иднината на Европа – за мирот, заедништвото, стабилноста и просперитетот на нашиот континент, и треба да се вратиме кон основите, кон она што нѐ обединува и заради кои сакаме заедно да ја градиме нашата заедничка европска иднина – сѐ уште нереализиран сон на многу генерации македонски граѓани… Она што нѐ обединува се вредностите и стремежот за подобар живот за македонските граѓани кои тоа го заслужуваат, преку итно откочување на евроинтегративниот пат. ЕУ нема да биде целосна додека не ги интегрира и земјите од Западниот Балкан и на тој начин го комплетира проектот на обединети европски држави – рече вицепремиерот Димитров.
Тој подвлече дека Северна Македонија не само што сака да биде дел од Унијата, туку и често пати сме покажале дека знаеме да се однесуваме така, конкретно преку нашето дејствување како стабилен партнер на меѓународната сцена и според зборовите токму на ЕУ, светол пример во регионот за решавање на тешки прашања.
– Тоа е патот по кој ќе чекориме одлучно и непоколебливо, нема да се откажеме без оглед на предизвиците, затоа што македонските граѓани заслужуваат да бидат и формално дел од ова семејство. Не можам, а да не завршам со мојата основна порака: нашата битка денес е всушност битка и на Европа самата со себе, да си го одржи зборот. Крајно време е да ги почнеме заслужените преговори за членство и така ќе бидеме заеднички победници. Да ни е честит Денот на Европа – 9 Мај. –
Иницијативата ЕУзаОтпорност обезбедува 40 милиони евра – во форма на бескаматни кредити и заеми наменети за поддршка на мали и средни претпријатија, како и на жени и мажи кои се соочуваат со ризик од невработеност. Проектот се спроведува со помош на Банката за развој на Северна Македонија и на Агенцијата за вработување. Тој е дел од вкупната поддршка за земјата поврзана со ковид-19, која достигнува околу 230 милиони евра и се состои од поддршка за здравствениот сектор, за ублажување на социо-економските последици од пандемијата и за набавка на висококвалитетни вакцини