Во пресрет на новата учебна година родителите со нови финансиски грижи
Најавите на Министерството за образование дека некои од содржините ќе бидат дигитални и воопшто целиот образовен процес во иднина ќе се движи кон дигитализација, ги мобилизираа родителите со време да набават неопходна опрема за своите деца, но проблем е што оваа опрема за неполни две години неколкукратно поскапи и претставува сериозен товар за семејниот буџет
Родителите се дополнително финансиски оптоварени во пресрет на новата учебна година бидејќи покрај неопходните учебници, облека и друг прибор, тие мора да одвојат сериозни средства и за набавка на ИТ-опрема, која во последно време стана нераскинлив дел од образовниот процес.
Најавите на Министерството за образование дека некои од содржините ќе бидат дигитални и воопшто целиот образовен процес во иднина ќе се движи кон дигитализација, ги мобилизираа родителите со време да набават неопходна опрема за своите деца, но проблем е што оваа опрема за неполни две години неколкукратно поскапи и претставува сериозен товар за семејниот буџет.
Ако пред пандемијата најосновна компјутерска конфигурација можеше да се набави за 8.000 денари, сега таа се движи од 12.000 денари, па нагоре. Поскапеа и компјутерските компоненти, па доколку некој сака само да ја освежи постојната конфигурација, ќе плати двојно поскапо за рам-меморија и за напојување, а најмногу ако се реши за каква било промена на графичката карта. Поскапеа и веб-камерите, кои беа исклучително користени за време на учењето од далечина, па ако претходно можеа да се најдат за 500 денари, сега нема солидна камера под 1.500 денари.
Реагираат и родителите, кои велат дека епидемиолошката ситуација внесува дополнителна нервоза кај нив бидејќи не знаат што ќе се случува ако ескалира ситуацијата со коронавирусот и ако повторно ќе мора да се учи онлајн, а тие немаат набавено соодветна опрема.
– Како што најави министерката, од 1 септември децата ќе одат во училиште со физичко присуство, но со оглед на актуелните бројки со корона-кризата, не е исклучено од октомври да се премине на учење од далечина. Затоа, покрај книгите што не се бесплатни и треба сами да ги набавиме, облеката и приборот за училиште, а сега и нова заштитна маска секој ден, купувањето компјутерска опрема едноставно е дополнителен голем трошок за мене. Треба да подигнам кредит да го пратам детето во училиште – вели Дарко Мојсовски, родител на седмоодделенец.
Тој додава дека минатата година онлајн наставата покажала дека децата треба да имаат пристојна опрема ако сакаат да ја следат наставата без прекини.
– Лани син ми работеше со постар компјутер, имавме ситни технички проблеми, некогаш со камерата, некогаш со подигањето на компјутерот, но некако се снајдовме. Оваа година сакавме да ги избегнеме таквите ризици ако повторно се случи да треба да се учи од далечина, но цените за нов пристоен компјутер се далеку од мојата финансиска моќ. Не знам навистина што толку се случи цените да се покачат за неколкупати. Разбирам дека имаше проблеми со пандемијата, но толкави поскапувања навистина не очекував – истакнува Мојсовски.
Компаниите што работат со ИТ-опрема не негираат дека цените се превисоки, но тоа го правдаат со проблемите што ги предизвика пандемијата на светско ниво, а особено новиот тренд на рударење со криптовалути што и кај нас зема сè поголем замав.
– Причината за повисоките цени е пандемијата на коронавирусот поради што голем број кинески фабрики долго не работеа. Затворањето на државите поради ширењето на ковид-19 принуди многу луѓе да работат од дома, па тие масовно купуваа поквалитетни компјутери.
Покрај тоа, за растот на цените постои уште една причина, а тоа е што сè повеќе луѓе тука во Македонија се занимаваат со рударење криптовалути за што е потребна моќна компјутерска опрема, па нагло порасна побарувачката, а со тоа и цените. Ако една графичка карта претходно чинеше околу 24.000 денари, сега истата таа чини над 50.000 денари – велат од ИТ-компанија што се занимава со набавка на компјутерска опрема и склопува компјутерски конфигурации.
Како што дообјаснуваат оттаму, високите цени се одраз на недоволната понуда и огромната побарувачка.
Познавачите на состојбите се согласуваат дека пандемијата и трендот со криптовалутите ги вивна цените во ИТ-секторот до небо.
– На недоволната понуда влијае состојбата на глобалната економија, примарно притисната од пандемијата. Со намалено производство и транспортни трошоци, компликуваните односи на другите земји со Кина се исто еден од факторите. Од друга страна, врз огромната потрошувачка влијаат во голем дел две индустрии: вештачката интелигенција и рударењето со криптовалути – појаснува Кристијан Игњатов, ИТ-стручњак.
Несомнено многу работи влијаеја врз растот на цените на ИТ-опремата, поради што секој родител ако сака да биде подготвен за секакви сценарија оваа учебна година во почетокот минимално ќе треба да одвои над 20 илјади денари, што претставува сериозен трошок за обичните граѓани. Очигледно новите времиња го прават школувањето на децата сè поскапо, па затоа крајно време е и државата да почне сериозно да помага ако сака да ги дигитализира образовните процеси. Во спротивно и школувањето ќе стане привилегија на богатите.