„Нова Македонија“ уште пред еден месец напиша дека вистинската адреса за решавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА е Вселенската патријаршија, и тоа токму во периодот кога таму почнаа подготвителни активности за надминување на т.н. украински црковен проблем. Но, како и многупати досега, во функција на спречување на конечното решавање на црковниот проблем на МПЦ-ОА, а секако во поширок контекст и поврзано со политичките притисоци и ирационалниот и наметнат спор за името, сѐ повеќе се појавуваат негатори на македонскиот народ, држава и црква. Не може да биде случајност ваквиот синхронизиран тек на настаните, во кои отровните атаки се насочени кон македонскиот супстрат, јазик, култура и традиција. И, се разбира, кон негирање на МПЦ-ОА
Македонската православна црква-Охридска архиепископија води децениска борба за признавање на нејзината автокефалност и влегување како рамноправна црква во семејството на преостанатите признаени автокефални цркви во православниот свет. Во таа борба МПЦ-ОА сака да ги докаже и историскиот континуитет и наследството на древната Охридска архиепископија. На тој пат, според познавачите на црковните состојби, не постои разлика меѓу Македонска православна црква и Охридска архиепископија. Особено е важно, според аналитичарите, да се напомене дека историски и еклисиолошки исправно име на МПЦ е Охридска архиепископија. Името Македонска православна црква е настанато по аналогија на преостанатите помесни православни цркви и не претставува суштествено еклисиолошко име, бидејќи никогаш во историјата не се среќавала црква со тоа име, како што не се среќавала ни Руска, Грчка, Бугарска, Српска, Романска црква.
ОД МПЦ-ОА велат дека единствено што побарале од Вселенската патријаршија е признавање автокефален статус на црквата, а не и промена на името, за кое воопшто не станува збор.
– Според она како се признаени другите помесни цркви, беспредметно е да се зборува за името на нашата црква, кога таа веќе е возобновена со своето славно и древно еклисиолошко име – Охридска архиепископија. Допрва следува процесот на преговори, во кои се надеваме дека конечно ќе биде решен канонскиот статус на возобновената Охридска архиепископија – истакнуваат од МПЦ.
„Нова Македонија“ уште пред еден месец напиша дека вистинската адреса за решавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА е Вселенската патријаршија, и тоа токму во периодот кога таа активно се ангажира и за надминување на украинското црковно прашање. Но, како и многупати досега, во функција на спречување на конечното решавање на црковниот проблем, а и во поширок контекст и поврзано со политичките притисоци и ирационалниот и наметнат спор за името, сѐ повеќе се појавуваат негатори на македонскиот народ, држава и црква. Не може да биде случајност ваквиот синхронизиран тек на настани, чие сечило е насочено кон македонскиот супстрат, јазик, култура и традиција. И, се разбира, кон негирање на МПЦ-ОА.
ВИСТИНСКА АДРЕСА
Универзитетскиот професор и верски аналитичар Цане Мојановски смета дека сега е најважно каква улога ќе одигра вселенскиот патријарх Вартоломеј, особено како ќе се спротивстави на реакциите што ќе дојдат од Руската православна црква, како најмоќна и највлијателна црква во православниот свет.
– Вселенската патријаршија е вистинската адреса за решавање на македонското црковно прашање. Останува да се надеваме и да очекуваме дали вселенскиот патријарх ќе ги земе предвид канонскиот поредок и фактот дека до 1922 година епархиите на територијата на денешна Република Македонија биле под јурисдикција на Вселенската патријаршија, а потоа ѝ биле отстапени на Српската црква – додава Мојановски.
Според него, вселенскиот патријарх во исто време се залага за решавање на црковните прашања во Македонија и во Украина, како држави што делат иста судбина и постојано биле на линија на судир на интересите на големите земји.
ПАТРИЈАРХОТ ВАРТОЛОМЕЈ НУДИ НОВА НАДЕЖ
Бранко Ѓорѓевски, познавач на состојбите со црковните прашања во земјава, вели дека испраќањето писма до Вселенската патријаршија од МПЦ-ОА и од премиерот Зоран Заев е обид да се дојде до признавање на автокефалниот статус на нашата црква, нешто што веќе 50 години се обидуваме да го добиеме. Вели дека и досега МПЦ-ОА се обидувала да добие признавање од Вселенската патријаршија, но била одбивана. Ѓорѓевски нагласува дека фактот што ВП сега барањето како да го ставила во „процедура“, како да укажува дека има некоја промена во нејзиниот однос.
– Досега Вселенската патријаршија одбиваше јавно да каже нешто, а камоли да го стави во процедура барањето на МПЦ за добивање автокефалност. Нѐ упатуваше исклучиво на преговори со СПЦ. Сега самата таа ја става МПЦ во процедура и ќе го разгледува нашето барање, иако би можела веднаш и молчешкум да нѐ одбие и да ни каже дека за нас е надлежна СПЦ – објаснува Ѓорѓевски.
Според него, Вселенската патријаршија презема чекори што ќе предизвикаат реакции меѓу православните цркви, конкретно кај Руската и Српската православна црква.
– Вселенскиот патријарх како да најавува дека е подготвен да презема еднострани чекори. Во одговорот на МПЦ и на премиерот Заев тој се повикува на историските и канонските надлежности што ги има ВП. Тоа дава сигнал дека тие го истакнуваат правото самоволно да преземаат нешто и да не се држат до принципот на консензус. Сега е решавачко тоа до каде вселенскиот патријарх ќе оди во таа конфронтација со Руската и со Српската црква, оти е извесно дека тие ќе го нападнат. Руската црква е во офанзива против него во однос на опасноста да ја признае УПЦ-Киевски патријархат. Клучното прашање е до каде е подготвен вселенскиот патријарх да оди и оние што стојат зад него – истакнува аналитичарот.
Инаку, Ѓорѓевски нема дилеми дека нашата црква некогаш би се откажала од името МПЦ-ОА.
– Ова е еден вид двојна формула за комуникација со други цркви. Името ОА би го користел блокот грчки православни цркви, а ние би го задржале во внатрешна употреба. Сѐ зависи од Вселенската патријаршија, тие се сега на потег – заклучува Ѓорѓевски.
Заев: Никој не побарал промена на името на МПЦ
Никој ниту побарал ниту некој може да го смени името на Македонската православна црква. Не е тема на дилема или на дебата името на МПЦ, истакна премиерот Зоран Заев вчера на собраниската седница за пратенички прашања. Тој појасни дека со писмото до Вселенската патријаршија побарал помош, како што кажа, околу конечно решавање на црковниот спор што постои од возобновувањето на црквата.
Премиерот Заев рече дека неговиот кабинет во текот на вчерашниот ден требало да ја објави содржината на писмото што од негова страна било испратено до Вселенската патријаршија, како и одговорот оттаму.
– Замолницата е да помогне во долгогодишниот проблем и неговото решавање. Секако тоа е во координација со Македонската православна црква. Барањето е патријаршијата, преку Светиот синод, да донесе одлука и конечно да помогне со признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Секако, веруваме дека патријаршијата сето тоа ќе го направи со другите помесни цркви, како што е редот, и апсолутно кога се обраќаат црквите кон патријаршијата се обраќаат и со политички аспект и затоа дополнително на тоа писмо што Светиот синод на МПЦ-ОА го направи, јас испратив писмо за поддршка. Светиот синод да го разгледа ова прашање и да помогне во неговото решавање – објасни премиерот.
ДРЕВНИТЕ ИМИЊА НА ЦРКОВНИТЕ ТОМОСИ
Во контекст на запишувањето на автокефалните статуси на помесните православни цркви, поконкретно нивните официјални титули, на кои е издаден официјален томос, „Нова Македонија“ открива под кои имиња се заведени црквите во диптихот на православната црква.
– Руска православна црква
Томосот е издаден на име Московска патријаршија, од страна на Вселенската патријаршија во 1589 година, кога бил поставен првиот московски патријарх, Јов. Името Руска православна црква почнало да се користи дури во 1943 година.
Интересно е тоа што во еден период Вселенската патријаршија ги издигнала православните катедри на степен на автокефална архиепископија и сите го носеле името на градот: во Атина – Атинска архиепископија во Кралството Грција, архиепископијата во Белград за црквата во Кралството Србија, во Цетиње за црквата во Црна Гора, во Букурешт за црквата во Романија, во Софија за црквата во Бугарија, а во Русија архиерејскиот престол во Москва е издигнат на степен патријаршија.
– Српска православна црква
Својот томос го добила во 1922 година од страна на Мелетиј Четврти, во малку нерегуларни околности, и тој бил издаден на име Автокефална обединета православна црква на Кралството СХС, во чиј состав влегле претходно канонски независни митрополии: Црногорската, Српската, Карловачката и двете Далматински епархии. Со тој документ истовремено црквата во Кралството СХС е издигната на степен на патријаршија.
– Романска православна црква
Со решението на Свештениот синод од 1925 година, Романската православна црква била издигната на степен патријаршија. Таа одлука била признаена за канонска од страна на константинополскиот патријарх, во 1925 година, со томос кој важи на име Православна црква во Романија. Тука црквата нема национален предзнак, туку само се назначува земјата каде што се простира нејзината јурисдикција, значи не стои романска православна црква, туку Православна црква во Романија.
– Грчка православна црква
Првиот документ со кој се уредил автокефалниот статус на Грчката црква е томосот од 1850 година. Сепак, со ослободувањето на северна Грција во 20 век, вселенскиот патријарх прогласил патријаршиски синодален акт, со кој била основана нова црковна структура, наречена Црква на Грција, во која влегоа и митрополиите на северна Грција. Така што томосот гласи на име Православна црква на Грција.
– Бугарска православна црква
На 22 февруари 1945 година од страна на константинополскиот патријарх Венјамин доделен ѝ е томос на Бугарската православна црква, кој гласи на име Света православна автокефална црква во Бугарија.
– Грузиска православна црква
Со томосот на Вселенската патријаршија од 1990 година прогласен е автокефалниот статус на Грузиската црква, која важи како Света православна црква на цела Грузија.
– Албанска православна црква
Томосот за автокефалноста на Албанската православна црква е издаден во 1937 година од страна на Вселенската патријаршија и гласи како Автокефална православна црква во Албанија.
– Чехословачка православна црква
На 8 октомври 1951 година од страна на патријархот Алексеј и Свештениот синод на РПЦ е потпишан акт за давање автокефалија на Чешката православна црква. Дури во 1998 година патријархот Вартоломеј издал патријаршиски и синодален томос за автокефалија на име Света православна црква на чешките земји и Словачка.
– Полска православна црква
Во 1925 година бил издаден и томос за автокефалната православна црква во Полска. Полна автокефалија православна црква во Полска стекнала дури по Втората светска војна, кога била признаена со одлука на Синодот на Руската православна црква од 1948 година.