Една година во Министерството за образование има официјален документ со заклучоци од Меѓународната конференција за образованието по природни науки и математика, но примена на истите нема. Од МОН нема реакција за барањата на наставниците од основните и средните училишта и од факултетите во земјава, иако станува збор за сериозни и важни заклучоци кои ги утврдуваат поразителните состојби во образованието.
Конференцијата беше одржана лани во март, а во организација на Природно-математички факултeт при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Друштвото на физичарите на Македонија и Сојузот на математичари на Македонија. По дебатите, произлегле заклучоци срочени во посебен документ „Образованието по природни науки и математика во основните и средните училишта во Република Македонија – состојба и перспективи“.
Главните заклучоци се дека е потребна суштинска деполитизација на образовниот систем. Освен тоа, статусот на професијата наставник е поразителен. Квалитетот на наставата опаѓа, исто како и критериумите за оценување. Така, наставниците во основното образование имаат голем проблем со реализација на наставата. Друг заклучок е дека потребни се итни реформи во образованието, односно дека ТИМСС и ПИСА тестовите се индикатор за поразувачката и опаѓачка природонаучна и математичка писменост на учениците во нашата држава во споредба со учениците во другите 80 држави кои се опфатени со овие тестирања во светот. Тоа е индикација дека проблемот е системски и алармантен. Потребно е зголемување на фондот на часови по природните науки и математика како прва мерка за подобрување. Успех на меѓународните истражувања имаат само оние држави во кои природните науки и математиката се изучуваат со поголем фонд на часови и практична настава застапена во поголем обем.
-Исто така потребни се нови наставни програми, особено замена на наставните програми преземени од Кембриџ. Неопходни се нови учебници, кои ќе ги напишат македонски автори, кои ја познаваат материјата, методиката, автентичните проблеми и потреби и секако духот на јазикот. Потребен е холистички/интердисциплинарен пристап при подготвување на темите и содржините во наставните програми (математиката треба да претходи во формирањето на потребните предзнаења во физиката и хемијата), стои во заклучоците.
Меѓу останатите се и дека е потребна е институционална поддршка на талентираните ученици, а наставните програми по физика за осмо и деветто одделение кои се преземени од Кембриџ, а соодветно и учебниците не дале квалитет во образованието и дека тие треба да се отфрлат. Наставниците искажале сериозни критики за проектот „Кембриџ“, а според нив од него речиси и да нема позитивни ефекти. Заклучиле дека постојат сериозни пропусти во корелација на наставните предмети, особено меѓу математика и физика. Нотирани се и други слабости.
Потребно е и воведување на флексибилни наставни програми, со задолжителни содржини за сите ученици, незадолжителен дел за учениците со послаби постигања и додатни содржини за учениците со поголеми постигања. Најбројни се критиките по програмите Кембриџ, позитивни ефекти скоро и да не се забележуваат, а нивото на знаење кое се дефинира и поимите кои се изучуваат, ни оддалеку не соодветствуваат на возраста на учениците ниту на нивните можности. Истото доведува до ситуација на упросечување на знаењето на едно ниско ниво. Голем е јазот од основно во средно училиште, несоодветството на наставните програми за основно и средно образование предизвикува недостаток на базични знаења неопходни за непречено одвивање на наставата во средните училишта. Потребно е на јавноста да и се признае кој, колку и каде е извршено анкетирање пред воведувањето на програмите Кембриџ. Дали воопшто постоело истражување и анализа, пишува во документот со заклучоците.
Наставниците бараат да се разгледа одново идејата за приемен испит за средно образование или мала матура. На таков начин, како што се тврди, ќе бидат пополнети капацитетите и за стручните училишта и би се развивале сите струки.
-Има сериозни пропусти во програмската корелација на наставните предмети, особено математика и физика, како и математика и хемија, посебно во средно училиште. Потребно е соодветно и навремено воведување и разработување на одредени математички содржини за нивна примена во другите предмети. Сериозни пропусти во подреденоста на математичките содржини во задолжителните и изборните предмети, стои во заклучоците.
Наставниците бараат ова прашање да се отвори и овие заклучоци да бидат разгледани.